Свет

Европските влади промовираат алтернативни протеини

31 Jan 2024

Неколку европски земји инвестираат во промоција и развој на растителна и друг вид алтернативна исхрана базирана на протеини.

Во Данска владата објави акциски план, кој треба да ѝ помогне на земјата повеќе да се фокусира на растителна храна и да го стимулира производството на растителни протеини. Меѓу другото, планот вклучува и фонд во износ од 178 милиони евра за транзиција кон растителни производи до 2030 година. Документот на владата е во согласност со данските прехранбени насоки и со Новата нордиска препорака за исхрана, кои ја истакнуваат потребата да се намали консумацијата на месо и да се зголеми внесот на растителни протеини за да се постигне подобрување на здравјето кај нордиската популација. Традиционално, данската кујна не се потпира на состојки богати со растителни протеини, како што случајот и со јужноевропските земји.

Германската влада, исто така, инвестира во алтернативни протеини. Таа за годинава има наменето 30 милиони евра за промоција на производството со прецизна ферментација, но и за производство на култивирани и растителни месни и млечни алтернативи. Стратегијата вклучува формирање на т.н. „компетентни центри“, во кои експертите ќе обезбедуваат консултации во одредени области. Дел од средствата се наменети за пронаоѓање на најдобрите иновативни методи за производство и преработка на растителните протеини. Две третини од инвестицијата оди за постепено укинување на сточарството.

Мината година беше рекордна за инвестициите во истражувања за алтернативни протеини во Велика Британија, што е силен показател дека владата сè повеќе ја препознава нивната важност за постигнување на амбициите за безбедна храна и економски пораст. Во земјата беше отворен и Центар за иновации за поттикнување на истражувањата за алтернативни протеини.

Во Холандија, една од земјите-пионери во оваа област, владата поддржува проекти за клеточно производство, култивирани месни и млечни производи што не се од животинско потекло.

Финската прехранбена индустрија работи на развој на нови растителни протеини. Новото здружение „Plant Based Food Finland“ ги обединува големите трговци – „Лидл“, „Кеско“ и СОК, со производителите и со други компании и организации. Целта на здружението е да се зголеми уделот на растителна храна во земјата.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...