Во обид да го намалат отпадот и пакувањето, неколку европски трговци во продавниците експериментираат со концепти без пакување. Имено, тие поставуваат ѕид или оддел со диспензери за храна, од каде што потрошувачите може да наполнат кеси или тегли за повеќекратна употреба со посакуваното количество производи.
„Алберт Хеин“ постави специјален ѕид од шест метри со диспензери за 70 производи. Во асортиманот се вклучени житарки за појадок, ориз, тестенини, намази, чај и јаткасти плодови. Околу 80 проценти од производите се органски.
Неколку супермаркети во Велика Британија, вклучувајќи ги „М & С“, „Морисонс“ и „Веитрос“, се приклучија на „Refill Coalition“ (Коалиција за полнење), во обидот да се справат со пластичната амбалажа за еднократна употреба. Коалицијата дизајнира решение за полнење на производи од типот на тестенини, житарки и средства за лична нега. Решението е единствено по тоа што овие производи ги прави достапни и за нарачки преку интернет.
„Алди“, исто така, на купувачите им нуди основни производи за домаќинството без пакување. Потрошувачите можат да донесат сопствена амбалажа во продавницата, да го измерат посакуваното количество на станицата за мерење, а потоа да ги наполнат донесените пакувања.
Новиот Закон за климата и отпорноста на француската влада налага 20% од подната површина на продавниците поголеми од 400 квадратни метри да се приспособат за системи за полнење до 2030 година.
Досега акцентот во намалувањето на отпадот од пакување беше на рециклирачката амбалажа. Сега фокусот се префрла на дополнувањето, но постојат логистички предизвици. Просторот за полнење во продавницата е голем и бара инвестиција од трговците за инсталација на станици за точење, кои мора редовно да се полнат и да се чистат. Прашањето е дали овие модели можат добро да се интегрираат во купувачкото искуство и да станат опција за масовниот пазар.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.