Свет

Подем на цврстите производи за здравје и убавина

08 Jun 2022

Цврстите производи се во пораст на пазарот за здравје и убавина. Овие производи вклучуваат сапун, шампон, средства за чистење лице, балсами, средства за отстранување шминка и многу други.

Како одговор на зголемената загриженост на потрошувачите за одржливост и природност, сè повеќе трговци на мало нудат цврсти алтернативи за течните производи.

Цврстите производи имаат повеќе предности. Прво, тие не содржат вода, не генерираат отпад и ги заменуваат пластичните шишиња. Оттука, тие се совршено приспособени за поодговорни практики. Освен тоа, тие се соодветни и на потребата на потрошувачите за поприродни и автентични производи, а често се и вегански. Цврстите производи се и практични, односно нивниот фиксен облик овозможува купувачите полесно да ги носат додека се во движење или додека патуваат.

„Карфур“ во Белгија лансира сопствена палета на цврсти производи, под приватната марка Carrefour Soft Green. Линијата вклучува шампони, сапуни и дезодоранси. Една плочка од шампонот може да се користи за педесет до сто миења на косата, што е еквивалент на две класични пластични шишиња со течен шампон. Дезодорансите се во 100-процентно рециклирачко пакување.

Во Франција, „Монопри“ разви линија на органски цврсти производи за лична нега како дел од стратегијата за проширување на понудата на природни и одржливи производи. Под приватната трговска марка Bio, асортиманот содржи пасти за заби, сапуни, дезодоранси и шампони. Сите производи, во кои 98% од состојките се од природно потекло, се сертифицирани со Ecocert и ја носат ознаката CosmeBio. Дополнително, производите се еколошки спакувани во хартиени, картонски или метални кутии, произведени во Франција.

Иако пазарот за цврсти производи е сè уште мал, асортиманот на производи и нивната видливост на полица постојано се зголемуваат.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...