Пандемијата фундаментално го менува партнерството во сегментот приватни трговски марки. Тоа е заклучокот од дискусијата меѓу трговците и производителите, која се одржа за време на виртуелната „Конференција на тркалезната маса“ на ПЛМА.
Панелистите се согласија дека кризата со Ковид-19 ја наметна потребата за уште поинтензивна соработка. Времето на тендери и на краткорочни договори веќе е минато. Единствениот начин да се поттикне пораст, да се биде пионер во иновациите, да се постигне ефикасност и да им се понудат на потрошувачите најдобрите производи, е преку заеднички и отворени партнерства. Заклучокот од панелот, модериран од консултантот Едгар Елзерман, е дека најдобриот начин да се постигне успех во сегментот приватни трговски марки е преку долгорочна соработка.
Добри вести за приватните трговски марки беа пренесени преку презентацијата на Марија Богданова од „Еуромонитор“. Според податоците на истражувачката компанија, се очекува пораст на уделот на трговските брендови дури и на помалку консолидираните малопродажни пазари, водени од тешката економска криза. Охрабрувачки е и фактот што голем дел од потрошувачите, во периодот на складирање резерви, ги прифатија приватните марки подобро од очекуваното.
Ана Кристина Амарал од португалската малопродажна компанија „Сонае“ порача дека нивната стратегија за трговските марки е изградена врз три столба: квалитет, цена и иновација. Трговецот соработува со 500 доставувачи и секој трет производ што се продава е сопствен бренд. „Сонае“ верува дека неговата сила лежи во квалитетот на приватните трговски марки.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.