Француската влада го заостри ставот кон понудата за преземање на „Карфур“ од канадската групација „Куш-Тар“, со образложение дека сигурното снабдување со храна е од стратешка важност за државата. Владата сака да ја зачува сигурноста и суверенитетот во синџирот на снабдување со храна, изјави министерот за финансии на Франција, Бруне Ле Маире.
Сите ќе се соочиме со големи тешкотии ако „Карфур“ го купи странска компанија, рече тој.
Француската влада уште во 2005 година се изјасни против тоа странци да преземаат домашни компании, по гласините дека „Пепсико“ би можел да даде понуда за преземање на прехранбениот гигант „Данон“. Исто така, ги заостри условите за преземање за да ги заштити секторите што ги смета за стратешки, како што се индустријата и здравствената заштита.
Светските медиуми известија за евентуално спојување на групацијата „Куш-Тар“ од Квебек, Канада и на „Карфур“. „Ројтерс“ објави дека вредноста на акциите на „Карфур“ на париската берза достигна 17,53 евра, што е пораст за 13,6%.
Групацијата „Куш-Тар“ во случај на преземање на „Карфур“ ќе плати по 20 евра за акција, па вредноста на францускиот трговец се проценува на 16,2 милијарди евра. Ако навистина се случи „спојувањето“, вкупната вредност на новоформираниот трговец ќе биде околу 40 милијарди евра.
Канадската групација работи на домашниот пазар преку синџирот Circle-K. „Карфур“ има повеќе од 320.000 вработени во светот, од кои 105.000 во Франција.
„Куш-Тард“ е основан во 1980 година и главно работи преку продавници и супермаркети. Со купувањето на „Карфур“ ќе го пренасочат своето работење кон јужноамериканскиот и европскиот пазар, кои се главни носители на приходите на „Карфур“.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.