Регион

„Атлантик група“: Значителен раст на приходите и профитабилност во првата половина на 2021

29 јул 2021

„Атлантик групa“ во првата половина на 2021 година забележа приход од продажба во износ од 359,7 милиони евра, што во однос на истиот период минатата година претставува раст од 9,7 проценти. Добивката пред камати, даноци и амортизација (EBITDA) изнесува 51,6 милиони евра, што без еднократните ставки е 6,7 проценти повеќе отколку во првото полугодие минатата година. Компанијата оствари нето добивка од 29 милиони евра, што претставува раст од 18 проценти кога ќе се исклучат еднократните ставки.

Имаме раст во сите деловни и дистрибуциски области, што во однос на истиот период минатата година е последица и на подобрата епидемиолошка ситуација на сите пазари и попуштање на мерките за сузбивање на пандемијата. Посебно се гордееме поради фактот дека и покрај сите предизвици, остваривме органски раст од продажба од речиси 9 проценти во однос на првата половина на 2019 – година во која имавме историски највисоки приходи. Исто така, забележавме нова највисока цена на акциите и исплативме историски највисока дивиденда. Свесни сме дека наредниот период ќе биде епидемиолошки предизвикувачки, при што нашите приоритети остануваат исти: здравјето и безбедноста на нашите вработени, обезбедување на непречено продолжување на производството и континуирано снабдување на нашите клиенти и потрошувачи и општествена одговорност во најширока смисла, изјави претседателот на управниот одбор Емил Тедески.

Пијалаци, Donat и кафе предводници во раст на продажбата

Најдобри резултати меѓу бизнис областите постигнаа стратешките бизнис области пијалаци, чиј водечки бренд е Cedevita, со раст од 16,1 процент, Donat со раст од 15,8 проценти и кафе, поединечно најголема категорија со учество од 20,5 проценти во вкупниот приход заедно со носечките брендови Barcaffe и Grand kafa, која порасна за 10,3 проценти. Меѓу дистрибутивните области, Хрватска води со раст од 10,6 проценти и Србија со раст од 9,7 проценти. Исто така, треба да се напомене дека двата нови бренда – чоколадото Jimmy Fantastic и палетата производи базирани на овес Boom Box, беа успешно лансирани во март и април на пазарите во Хрватска и Словенија, со одлични почетни продажни резултати и со голема перспектива на пазарот.

Нова фабрика и нова соработка

„Атлантик група“ во март започна да инвестира во изградба на фабрика за нови производи под брендот Argeta и тоа во општина Кнегинец во околината на Вараждин. Инвестицијата со вкупна вредност од повеќе од 50 милиони евра, ќе се одвива во неколку фази, а новиот производствен погон е предвидено да биде пуштен во употреба во рок од 15 месеци по добивањето на одобрението за градба. Со реализација на сите фази на проектот, се планира да се отворат до 150 нови работни места. Во јули, „Атлантик групa“ и “Бери Калебаут“ водечки светски производител на високо квалитетни производи од чоколадо и какао, потпишаа договор за соработка што ќе го подобри производството на етаблираното портфолио на „Атлантик“ во асортиманот чоколади. „Атлантик штарк“ е првиот регионален стратешки партнер на компанијата „Бери калебаут“ и нејзината фабрика во Нови Сад.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...