Македонија

Казни до 30.000 евра за фирмите кои не почитуваат ковид-протоколи

07 Oct 2020

Казните за претпријатијата кои нема да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот ќе се движат од 2,5 илјади до 30 илјади евра, во зависност од тоа дали станува збор за микро, мало, средно или големо претпријатие. Инспекциските служби добиваат поголеми овластувања за надзор и за санкционирање на фирми и физички лица при прекршување на протоколите за заштита од ковид-19.

Ова беше соопштено на денешната прес-конференција на вицепремиерот Љупчо Николовски и претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Грашкоска.

За таа цел Владата, по состанок на Николовски и министрите за здравство и за внатрешни работи со директорите на државните инспекторати, вчера усвоила измени на Законот за заштита на населението од заразни болести.Досега, како што посочи Николовски, само Државниот здравствен и санитарен инспоекторат имаше овластување да изреква мерки, додека другите инспекторати имале можност да поднесуваат кривични пријави за непочитување на протоколите, со што, како што се оценува, не се постигнува целта.

Со законските измени, како што беше посочено на денешната прес-конференција, и другите инспекциски служби, вклучително со тие на локално ниво, добиваат овластување за издавање забрана за работа и прекршочен платен налог. Привремената забрана за работа може да биде од 10 до 15 дена, а глобите, како што објасни Николовски, ќе варираат во зависност од големината на правниот субјект.Грашкоска посочи дека казните за претпријатијата кои нема да ги почитуваат протоколите ќе се движат од 2.500 до 30 илјади евра, во зависност од тоа дали станува збор за микро, мало, средно или големо претпријатие.

Казните за микро-претпријатијата ќе бидат од 2.500 до 3.000 евра; за мали претпеијатија од 5.500 до 6.000 евра; за средни од 17.500 до 18.000 евра и за големи од 25.000 до 30.000 евра, во денарска противвредност.

Глобите за одговорните лица се 1.500 евра, 750 евра за трговец-поединец и 250 евра за физичко лице.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...