Уште од предпладне граѓаните почнаа да се редат во редици пред маркетите во Скопје, во обид да набават што им е потребно за претстојниот тридневен карантин, кој во одредени општини(вклучително и Скопје) ќе трае од 21 часот вечерва до 5 часот во понеделник.
InStore направи обиколка на маркетите во различни делови на градот. Нашите репортери забележаа дека најголемите гужви се пред КАМ и пред „Стокомак“. Пред овие маркети има редици со по 20-тина граѓани кои чекаат да испазарат.
Дојдов пред малку, да купам храна за продолжениот викенд. Има луѓе, но брзо се влегува, чекањето не е подолго од 15 мин, ни рече Љубица В. која тргнала да пазари во „Стокомак“.
Во маркетот на „Рамстор“ во Центар има редари кои го регулираат влезот. Тука немаше поголем застој. Пред „Веро“ во Чаир, исто така, влезот го регулираат лица од обезбедување. Во сите маркети, на купувачите им се укажува задолжително да стават маски и да ги дезинфицираат рацете на влез.
Повеќе граѓани очекуваме попладне, особено 2-3 часа пред да почне полицискиот час. Искуството ни покажа дека тогаш сите брзаат да купат што им треба или што заборавиле претходно, ни рекоа продавачите.
Граѓаните купуваат леб за три дена, месо, овошје, тоалетна хартија....
Зголемен број купувачи забележавме и пред месарниците и пред аптеките.
Утрешниот е прогласен за неработен ден за сите граѓани, има забрана за одење на гробишта за Духовден. Во Скопје, Куманово, Тетово и Штип забраната за движење ќе трае до понеделник до 5 часот наутро. Покрај во овие четири града, истиот полициски час ќе важи и за: Липково, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино, Јагуновце и Карбинци.
Во сите останати градови и општини, пак, полицискиот час ќе почне вечер во 21 часот и ќе трае до утре до 5 часот наутро. Останатите денови (петок, сабота и недела) забраната за движење почнува од 16 часот и ќе трае до следниот ден до 5 часот наутро.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.