Засега состојбата е добра и компанијата „Нелт СТ“ не чувствува некој голем удар. Меѓутоа проблем веројатно ќе има во наредните месеци, открива за InStore Методија Христовски менаџер за логистика во компанијата.
Како се одвива дистрибуцијата во моментов? Кои чекори се преземени за заштита на вработените?
Се следат насоките дадени од институциите. Прво што прашуваме меѓу вработените дали некој има патувано некаде или бил со некого во контакт од земјите со висок и среден ризик. Второ што направивме, се снабдивме со доволно количество на средства за дезинфекција, маски и ракавици. Дадени им се посебни упатства на вработените како да се однесуваат при испорака на стоката во продажните места. Исто така и поголемите маркети веќе имаат издадено упатства за прием на стока, така што тие се почитуваат од двете страни.
Немаме некој поголем застој во работењето. Единствено ќе видиме како ќе се одвива доставата во Дебар. Оваа недела немавме испорака до таму, но наскоро ќе треба да се испорачаат производи, па ќе видиме како ќе се развива ситуацијата.
Дали ќе имате доволно залихи за наредниот перид, со оглед на зголемената побарувачка на производи од крајните потрошувачи?
Имаме голем предизвик пред нас. Кај некои компании нема да има проблем, но кај компаниите од Романија или од Полска од каде што увезуваме производи, можно е да има, затоа што најавија дека тие компании ќе бидат ставени под карантин. Ние навреме нарачавме дополнителни залихи, меѓутоа дали ќе добиеме, чекаме од нив потврда.
Во однос на потрошувачката повеќе се бараат детергентите за перење алишта, пелените за бебиња, но не и чоколадата. Имаме многу поголема побарувачка од дисконтерите, кај нив и многу повеќе се пазарува. Сепак, сметам дека нема да има големи проблеми при доставата, освен што засега сè е многу позабавено.
Компаниите секако ќе се соочат со загуби, какви се вашите очекувања, проценки...? Сматате ли на посебни мерки за поддршка од државата?
Очекувањата се едно, но дали ќе се реализираат, особено во поглед на помош од државата, тоа е сосема нешто друго. Компанијата ја очекуваат загуби, но сега не можат да се пресметаат. Ние сме компанија во која работат млади луѓе, имаме бремени жени, родители со мали деца, луѓе со респираторни здравствени проблеми и сите тие се дома. Компанијата работи со намалени капацитети. Засега, затоа што побарувачката е поголема на некои производи, состојбата е добра, и не чувствуваме некој голем удар. Меѓутоа, во структура на залихи, веројатно ќе имаме проблем во наредните месеци, луѓето ќе купуваат приоритетни производи и нема да бираат луксузни и поскапи производи.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.