Четири мали и микро компании ја добија наградата „Претприемач на годината 2019“, која денеска беше доделена 13 година по ред.
Даниела Николовска, менаџер на компанијата „Греемак груп“ од Скопје, ја доби првата награда во категоријата мали претпријатија. Втората награда му припадна на Горан Цуцулески, менаџер на компанијата „Кривогаштани промет“.
Риза Реџепи, менаџер на компанијата „Текника Риза Реџепи“ од Кичево, ја доби првата награда во категоријата микро претпријатија, а втората му припадна на Георги Дамчески, менаџер на компанијата „Ипринт 2015“ од Прилеп.
Наградените претприемачи постигнаа одлични резултати во зголемувањето на обемот на производство, вработувањата и инвестициите. Но, ние како организитори, во овогодишните добитници препознавме и креативност. Им честитам и посакувам креативните индустрии да имаат нагорен тренд на развој што ќе го обезбеди нагорниот тренд и на целата економија, рече во своето обраќање Татјана Лазаревска, извршна директорка на Македонската развојна фонадација за претпријатија (МРФП).
Претселекцијата за изборот за наградите „Претприемач на годината 2019“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар. Конкурираа вкупно 31 компанија.
Нас, организаторите, нè загрижува трендот на опаѓање на мали и микро претпријатија кои ги исполнуваат условите за оваа награда, рече Даниела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори.
Наградените во двете категории добија статуетки, плакети и пакети услуги од организаторите.
Покрај признанието за постигнувањата, наградата има цел да го поттикне претприемачкиот дух преку промоција на успешни примери.
Главни организатори на Претприемач на годината 2019 се Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.