Македонија

Ангеловска: Владата ќе го поддржи приватниот сектор со 6,7 милијарди денари

13 Nov 2019

Владата останува посветена на креирање соодветни политики како одговор на клучните предизвици со кои се соочува приватниот сектор. Преку мерките за субвенционирање придонеси, за поддршка на претпријатијата и активните мерки за вработување, Владата ќе инјектира 6,7 милијарди денари во приватниот сектор со буџетот од 2020 година, најави министерката за финансии, Нина Ангеловска

Вкупно 2,4 милијарди денари се обезбедени за мерката субвенционирање на придонеси на платите, за оние компании кои ќе ги зголемат платите на вработените за 600 до 6.000 денари. Три милијарди денари се одвоени за зголемување на конкурентноста во приватниот сектор, преку мерки за нови инвестициски вложувања, за поддршка на извозот и освојување нови пазари, поддршка на мали и средни претпријатија, иновации, технолошки развој и за странските инвестиции во зоните. 

Во насока на поддршка на малите и средните претпријатија е и зголемувањето на ДДВ прагот кој од 1 јануари ќе изнесува 2 милиони денари. Со ова ќе се намали административниот товар и за обврзниците и за даночната администрација со што ќе се ослободат капацитети за адресирање на сивата економија како реален предизвик за економски раст, рече Ангеловска на презентацијата на буџетот за 2020 година. 

Предлог-буџетот за 2020 година има проектирана приходна страна од 3 милијарди и 615 милиони евра, што е пораст од 5,6 отсто во споредба со буџетот за 2019 година, додека вкупните расходи се 3 милијарди 898 милиони евра. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...