Следниот петок (13 септември) во Скопје ќе се одржи Балканскиот претприемачки самит. На него како еден од панелистите е најавен Васил Наци, еден од најбогатите бизнисмени во Албанија, чие богатство се проценува над 600 милиони долари.
Васил Наци поседува 34 отсто од акциите на „Агна Груп“, компанија која се занимава со увоз и извоз на индустриски производи и храна, материјали за градежништво, земјоделски производи, производство и продажба на алкохолни пијалаци, како и дистрибуција, продажба и транспорт.
Покрај „Агна“, Наци исто така поседува 27 отсто од акциите на компанијата за увоз и извоз „Алфа“, 34 отсто од „Албартекс“, компанија која се занимава со продажба на големо на различни производи, како и 17 отсто од „Платеа“, компанија која се занимава со градежништво, со дистрибуција на печатени весници и со маркетинг. Наци поседува и 4 отсто од банката „Сосиете Женерал“ со седиште во Албанија.
Овој балкански магнат е познат по уникатниот начин на кој раководи со вработените. Сите вработени во „Агна“ мора да поминат низ Академијата за лидерство на „Агна“ за која програмата и книгите ги има напишано токму тој. Секоја година Васил одржува и неколкудневен семинар во Тирана на кој го пренесува своето знаење и искуство.
На покана на Центарот за бизнис образование Creative Hub и Стопанска комора на Македонија, Васил Наци ќе одржи говор на тема „Градење на успешен балкански бренд“.
Меѓу странските говорници најавени на Самитот се и Еван Лутра од Индија, сериски претприемач, почесен докторант и говорник на Економскиот форум во Давос, Акаш Мехта, глобалниот директор на дигитален маркетинг на „Диор“, Евгениј Ангелов, претседател на Бугарската асоцијација за вентуре капитал, партнер во „Постскриптум вентурес“ и други.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.