Премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, им врачија признанија на првите луѓе на шест приватни компании кои воведоа бенефиции за нивните вработени што се враќаат од породилно отсуство.
Овие компании овозможија вработените што отсуствувале 9 или 15 месеци (доколку имаат близнаци) поради бременост и раѓање, во следните 3 месеци по враќањето на работа да работат половина работно време, а да земаат плата како за цело работно време. Иницијативата ја покрена „Витаминка“, по што се приклучија „Европа', „Макпрогрес“, „Рептил“, „Фитофарм“ „Зур“ и „Дим маркети“.
Ова е една прекрасна иницијатива на македонски компании и претставува одличен пример, инспирација за сите други компании во државата. Се работи за иницијатива што самите компании во разговор со синдикатите и со своите вработени, менаџерските тимови одлучиле да овозможат дополнителни три месеци породилно боледување на мајките по раѓањето на своето дете, изјави Заев по состанокот што на оваа тема го одржа со Стопанските комори.
Тој додаде дека е важно да се поддржат овие иницијативи, бидејќи, како што рече, тоа ќе има и позитивен фидбек врз севкупната продуктивност во општеството што на некој начин им се враќа на компаниите.
Според Заев, оваа иницијатива не може да се спроведе во јавниот сектор, бидејќи како што рече, во тој случај буџетот на Фондот за здравство треба да се зголеми за 30 отсто.
На средбата била разгледувана и можноста да се воведе и рамноправно породилно боледување и за татковците,како и за комбинирани делови на породилно боледување на мајките и на татковците.
Царовска нагласи дека е за поздравување што станува збор за самостојна иницијатива на македонски компании.
Токму затоа сметавме дека ние како Влада и како институции треба да ги поддржиме, да ги поттикнеме и останатите компании да го прават и да покренуваат ваков тип иницијативи, изјави таа.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.