Македонија

Стопанска комора на Северна Македонија: Уставниот суд го потврди ставот на бизнис заедницата

06 Feb 2025

Стопанската комора на Северна Македонија ја поздравува одлуката на Уставниот суд за поништување на Законот за данок на солидарност, со што се потврдува исправноста на аргументите што бизнис-заедницата ги изнесуваше во изминатиот период.

Од самиот почеток, Комората доследно укажуваше дека ваквото законско решение, особено со неговата ретроактивна примена за фискалната 2022 година, сериозно ја загрозува правната сигурност и предвидливоста на деловниот амбиент. Пресудата ја потврдува исправноста на ставот дека селективното и ретроактивно оданочување не е соодветен механизам за економско регулирање и испраќа важна порака за почитување на правната сигурност, која е клучен предуслов за економски раст и за привлекување на нови инвестиции.

Како најголема бизнис-асоцијација во земјата, Комората настапи институционално преку формални дописи, аргументации и правни механизми, а иницијативата беше поддржана од Управниот одбор, Надзорниот одбор, Собранието на Комората, Советот на странски инвеститори и други бизнис-асоцијации.

Очекуваме во иднина секоја даночна политика да биде темелно анализирана и креирана во консултација со бизнис-заедницата, со цел да се избегнат негативни ефекти врз економијата. Стопанската комора останува посветена на транспарентен дијалог со институциите за создавање на одржливи економски политики што ќе го поттикнат растот и развојот на стопанството.

 

Извор/Фото: Стопанска комора на Северна Македонија 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...