Осигурителниот пазар во Република Северна Македонија, и покрај економските турбуленции, од година на година бележи пораст. Во првите десет месеци од годинава, според податоците од Агенцијата за супервизија во осигурувањето (АСО), македонскиот осигурителен пазар бележи раст, како од аспект на вложувања во осигурување така и од аспект на исплатените штети.
Пишува: Петар Чаушевски, petar@instore.mk
Параметрите на пазарот покажуваат дека Агенцијата за супервизија на осигурување со своето дејствување создава амбиент што овозможува раст на осигурувањето.
Според најновите податоци што ги добиваме на месечно ниво од компаниите за осигурување заклучно со октомври, значи за првите 10 месеци од годинава, вкупните вложувања во осигурување (неживот и живот) изнесуваат 199 милиони евра. Тоа е за 24 милиони евра, односно за 14 отсто подобар резултат во споредба со истиот период во 2023 година. Притоа, вложувањата во осигурување живот растат со стапка од 43 отсто, а неживотното осигурување е зголемено за 12 отсто, соопштуваат АСО.
Македонскиот осигурителен пазар станува сѐ поконкурентен и подинамичен, за што зборува фактот дека во моментов работат седумнаесет осигурителни компании, од кои 11 друштва покриваат ризици од сферата на неживотните осигурувања, а шест компании се специјализирани за осигурување живот. И покрај силната конкуренција, македонскиот пазар е подготвен за влез и на нови осигурителни компании.
Фактите покажуваат дека постои простор за зголемување на бројот на компании за осигурување, односно претходната година со работа започнаа две нови осигурителни компании, и тоа една во сегментот за неживотни осигурувања и уште една во сегментот на осигурување живот. Дополнително, во сегментот на осигурително-брокерски работи, кој е клучен за јакнење на квалитетот на осигурителните услуги, работат повеќе од 40 осигурително-брокерски друштва, и тоа само по себе е доволен показател дека потенцијалот за раст и развој на пазарот за осигурување е голем. Всушност, потврда за потенцијалот добиваме секоја година кога ги анализираме податоците за раст на продажба на осигурување, но истовремено и за зголемено ниво на исплатени штети на ниво на осигурителен пазар, истакнуваат од АСО.
По традиција, секоја година најголемиот број договори за осигурување е осигурувањето за автомобилска одговорност. Осигурителните компании од ова осигурување ги собираат и најголемите средства, кои заземаат значителен процент во нивните вкупни приходи, а од друга страна, износите за исплатени штети кај оваа категорија се на првото место на вкупната листа со исплатени штети.
Постковид-периодот го зголеми интересот за приватното здравствено осигурување, а исто така пораст има за каско-осигурувањето на моторните возила, а осигурувањето на имот бележи умерен раст.
Треба да нагласиме дека има силна поврзаност помеѓу осигурувањето имот и купопродажбата на нови станови на кредит. Значајни стапки на раст има и кај осигурувањето живот, и тоа особено кај осигурување без штедна компонента кое му дава финансиска сигурност на семејството на осигуреникот во случај на негова смрт. Овој производ е популарно познат како ризико-осигурување и најчесто се врзува како обезбедување со потрошувачки или друг тип кредити. Исто така, во последно време постои тренд животното осигурување со инвестициска компонента да го зазема местото на животното осигурување со штедна компонента. Тоа е поради атрактивноста на приносите од вложувања во хартии од вредност и тука мора да истакнеме дека ризикот од вложувањата го презема осигуреникот, информираат од АСО.
Според Цветко Делев, помошник-директор во Секторот за осигурување и реосигурување на „Еуролинк“ и член на Управниот одбор на компанијата, македонските компании сè повеќе го препознаваат осигурувањето како прв избор за заштита на својот имот и своите вработени. Приоритет кај компаниите е осигурувањето на имотот со кој располагаат фирмите и заштита на нивните вработени.
Осигурувањето на правните лица бележи тренд на раст во изминатите години. Ако ги погледнеме официјалните податоци за 2023, бројот на договори за осигурувања на имот на правни лица е зголемен за 11% во споредба со претходната година, а премијата бележи раст од 14%. Истиот тренд продолжува и во првите три квартали од 2024 година. Бројот на договори за осигурување на имот на правни лица во К3-2024 е зголемен за 3% а премијата е зголемена за 21% во споредба со истиот К3-2024. Климатските промени, почестите природни катастрофи, непосакуваните настани поврзани со катастрофални ризици, како што се пожарите и поплавите кај нас и во регионот, сè повеќе ја зголемуваат свеста кај сопствениците и менаџерите на македонските компании за изложеноста на различните ризици со кои се соочуваат, што ги поттикнува да бараат осигурување за да се заштитат од потенцијални финансиски загуби, истакнува Делев.
Дигитализацијата е неизоставен дел од работата на осигурителните компании. Директорката за осигурување во „АД Осигурителна полиса“, Елена Цветковска, истакнува дека воведувањето на дигитализацијата во работењето на осигурителните компании предизвикува значајни промени, како за самите компании така и за клиентите.
Овие промени се однесуваат на подобрена ефикасност, поедноставени процеси, поголема транспарентност и подобрени услуги. За потенцијалните клиенти, дигитализацијата носи многу придобивки, но исто така создава нови предизвици, како на пример приспособување кон онлајн-продажба, автоматизација на процесите, интеграција на вештачката интелигенција, воведување мобилни апликации и дигитални канали за комуникација, користење електронски документи и е-потписи и сл. За потенцијалните клиенти, ова значи подобрена удобност, персонализирани понуди, брзо решавање на проблемите и поголема сигурност. За осигурителните компании, од друга страна, тоа значи оптимизација на ресурсите и можност за побрзо и подобро задоволување на потребите на клиентите, истакнува Цветковска.
Делев потенцира дека дигиталната трансформација на компаниите е неопходна за нивниот опстанок во иднина.
Покрај напредокот на технологијата, кој подразбира континуирано усовршување и воведување нови алатки и апликации, и самите клиенти-осигуреници се двигател на дигитализацијата. Клиентите сè повеќе сакаат да располагаат со своите податоци за осигурување – полиси, премии, побарувања за штети кои ги имаат од осигурителните компании. „Еуролинк“ се стреми кон интеграција на дигиталните технологии во секој сегмент од работењето како дел од својата долгорочна стратегија за подобрување на услугите и корисничкото искуство. Од друга страна, континуирано работиме на градење корпоративна култура во која синергијата на технологијата и луѓето ќе донесе поголем бенефит за клиентите и подобрено корисничко искуство, вели Делев.
Според Цветковска, покрај дигитализацијата, во осигурителниот бизнис во Македонија, како и на глобално ниво, забележливи се неколку значајни трендови кои влијаат врз развојот на индустријата.
Персонализирани осигурителни понуди, односно осигурителните компании сè повеќе се фокусираат на понудата на персонализирани решенија за клиентите, што вклучува различни пакети за осигурување, адаптирани на индивидуалните потреби и ризици, зголемена свест за важноста на осигурувањето - со растечката економска нестабилност и глобалните предизвици (како климатски промени и здравствени кризи), расте свеста меѓу граѓаните и компаниите за потребата од осигурување како начин за заштита од ризици, експанзија на здравственото осигурување, особено меѓу компаниите кои го нудат како придобивка за своите вработени, но и кај поединци кои бараат дополнителна заштита за своето здравје, климатски ризици - поради глобалните климатски промени и зачестените природни катастрофи (поплави, земјотреси и слично), клиентите почнуваат да бараат осигурување што ќе ги покрие ризиците од природни катастрофи, а осигурителните компании се соочуваат со нови ризици и се адаптираат за да го покријат ова ново сценарио, потенцира Цветковска.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.