Македонија

Транспарентност или смрт!

09 Oct 2024

Да се напише дека треба да се даде животот во име на максимална транспарентност е претенциозен наслов кој не соодветствува на здравиот разум. Но, ако ова го толкуваме малку пошироко и славната максима на комитите, тие борци за слободна Македонија, која изворно гласела „Слобода или смрт“, ја префрлиме во доменот на општествените случувања, каде што императив е да се има демократија каде што ќе владеат правото, слободата на говорот и еднаквите можности, тогаш транспарентноста на институциите, на органите на власта, партиите, на стопанските комори e врвен приоритет кој мора да го постигне оваа и секоја идна влада. 

Пишува: Горан Теменугов

Но, зошто прашањето на транспарентноста сакам да го подигнам на ниво на живот или смрт? 

Да појдеме од основното. Државите, слично како и животниот циклус, се раѓаат, растат, живеат и на крај многу често се случува да умрат или да се видоизменат до таа мера што не наликуваат на она од каде што потекнале. Историјата нè учи дека моќни држави и империи згаснале и најчесто тоа не било поради надворешни фактори, туку пред сè, причината била внатрешна. Односно, многу често општествата во одредени држави ги губеле своите основи врз кои се изградиле, по што, откако ќе влезеле во состојба на аномија на општеството, односно каде што старите норми се урнати, а нема новоизградени, или се наоѓаат нови, функционални норми кои се кохезивни за тоа општество или едноставно заедницата се распаѓа, се атомизира и се претопува во некоја друга, доминантна идеја која доаѓа однадвор.

Дека сме во состојба на аномија и на крстопат, врвен показател е енормното ниво на корупција во државава. Едноставно, таа е во секоја пора на општеството и затоа имаме целосно нефункционални институции кои им служат на поединци и групи за да се збогатат. Oд друга страна, ги држат граѓаните во позиција дека мора да бараат алтернативни патишта за нешто што треба да биде спроведено според закон и правилници.

На ваква сериозна состојба, како пролетен, јужен ветер по сурова зима доаѓаат ВЕРБАЛНИТЕ најави на владата на ВМРО-ДПМНЕ дека приоритет ќе биде борбата со корупцијата. И дотука е сè во ред.

Но, реалноста, првите чекори на новата Влада која за повеќе од две недели ќе ги направи 100-те дена од владеењето, покажаа дека транспарентноста се намали. Податоците од Бирото за јавни набавки веќе нема да се објавуваат на еден од најпосетуваните агрегатори на вести, податоците на отворени финансии на Министерството за финансии не се обновуваат со нови бројки, огромен дел од институциите, вклучувајќи ја и Владата, немаат назначено портпароли.

Ако се намали, наместо драстично да се зголеми транспарентноста, ќе има две есенцијални последици.

Првата е борбата против корупцијата. Токму транспарентниот тек на парите и на одлуките на Владата и на институциите дава увид каде можеби има застој, кој не си ја врши работата, по што јавноста многу лесно и брзо ќе има увид дали има објективни пречки и ќе ја мобилизира јавноста, но и институциите да побараат одговорност за тие што не си ја вршат работата. Значи, нема вистинска борба против корупцијата без ТРАНСПАРЕНТНОСТ.

Втората последица е дека без транспарентност нема ни бизнис. Нормален бизнис. Од една страна, се нарушува конкурентноста бидејќи без транспарентни постапки, институциите можат да фаворизираат одредени компании кои нелојално ја истиснуваат конкуренцијата. Од друга страна, пак, без транспарентност и јавност на информациите не може да се следат резултатите од економските политики. Сè што досега е изнесено во јавноста се ставови и тврдења на власта или опозицијата, но тоа е тешко проверливо. Едноставно, изнесените тврдења врз основа на валидни податоци и докази не можат независно да се потврдат. Исто така, ако не се објавуваат податоците, како воопшто ќе се прават реални анализи дали некои економски политики даваат резултати и што треба да се преземе за да се поправат работите. Како без транспарентност бизнисот ќе ги гради своите политики?

Значи, транспарентноста не е нешто имагинарно и нешто за што се борат некои борци за поголема јавност. Транспарентноста е суштина врз која треба да носиме огромен број наши одлуки и да преземаме наредни чекори. Транспарентноста е насушна за општество кое е во голема криза и затоа сега, додека власта е нова и полека се позиционира, сите, ама баш сите мора да вршиме притисок таа да биде најтранспарентна што може да биде. Без тоа ќе биде како и досега, а сите знаеме дека работата не ја бидуваше и дека поради корупцијата и распаднатите институции, на последните избори тогашната опозиција, а сегашна власт доби 58 пратеници од 120 наспроти 18 пратеници колку што сега има бившата власт.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...