Македонија

Горан Теменугов: Штета над штетите

07 фев 2024

Секое предизборие како по правило придонесува да се нарушат основните економски текови. Фирмите се во грч и во исчекување на тоа која партија или коалиција ќе биде на власт. Помалку инвестираат, помалку вработуваат и се плашат од поголема промена на правилата на игра, пред сè, во даночната сфера. Со децении е така во реалниот сектор и веројатно овој предизборен грч не е својствен само за Македонија. Затоа, бизнис-заедницата како да е навикната на ова и иако не е добро, некако го прифаќа како неминовно, нужно зло.

Пишува: Горан Теменугов, економски новинар

Но, нешто друго е прилично несвојствено. Како по правило, во предизборието, од една страна, често пати се ветуваат нереални работи, па по формирањето на новата влада тие тешко се реализираат или за да се исполнат, се носат скапи решенија. Oд друга страна, се носат и сериозни нелогични економски мерки за власта да има подобри изгледи на изборите.

Една од ваквите чудни мерки што предизвикаа млака реакција во јавноста е одлуката во јавната и државната администрација да може да се вработуваат лица за кои веќе нема да биде потребно одобрение од Министерството за финансии. Сега, од почетокот на 2024 година секоја институција која ќе има потреба и пари за ново вработување, самата ќе донесе одлука за ангажирање работници.

Веројатно многумина воопшто не помнат зошто досега требаше за одобрување на секое ново вработување да се чека амин од Министерството за финансии. Ако се вратиме повеќе од две децении наназад, ова ограничување беше воведено под притисок на Светската банка за да се ограничи и да се стави контрола на забрзаното полнење на администрацијата со нови вработувања кои дополнително ќе го оптоварат буџетот на државата.

Иако оваа мерка постоеше над две децении, сепак, трендот на полнење на администрацијата продолжи, но со забавено темпо. Особено се имаше поголема контрола кога имавме аранжмани со ММФ и Светската банка кои за да ги дадат парите на македонските влади, контролираа дали се зголемува бројот на вработени.

Одлуката за нови вработувања без одобрение на Министерството за финансии прави огромна штета и на приватниот бизнис. Треба само да се потсетиме дека за три години во приватниот сектор бројот на вработени се намалил за над 28.000.

Во моментов Македонија е корисник на неколку линии на помош од овие меѓународни финансиски институции и со укинувањето на одредбата се губи можноста за поголема контрола од овие две институции врз вработувањата во администрација.

Секако, многумина ќе речат и дека аргументите на владата држат и дека премногу беше сложено одобрувањето. Не може Финансии да контролира кое е реално барање за вработување; дека со ова полесно ќе се трансформираат работните места на определено во оние на неопределено време; дека институцијата која ќе има пари за ново вработување најдобро знае на кого му треба решение; дека со ова полесно ќе се вработат стручни кадри во администрацијата која мака мачи со одреден број специјализирани профили итн.

Но, оваа одлука освен што ја отвора можноста за огромен број нови вработувања во предизборието, како што и може да се види од илјадниците огласи за нови вработувања објавени во државни институции и јавни претпријатија, прави огромна штета и на приватниот бизнис. Дополнително се стерилизира дел од работната сила која сè повеќе недостига во компаниите и дополнително праќа порака дека на „државно“ е лесно да се вработиш, па не треба да си конкурентен на пазарот на труд.

А дека реалноста ја однесе шегата, треба само да се потсетиме на податокот дека за три години во приватниот сектор бројот на вработени се намалил за над 28.000. Навистина, во јавниот сектор бројот на работници е горе-долу стабилен, но во приватниот само од крајот на 2019 досега бројот на работници е намален за 5%.

Ова намалување на вработените во приватниот сектор сериозно ја вознемирува бизнис-заедницата и многу ретко понекој политичар од власта, а и од опозицијата. Но, опасностите не чукаат на врата, туку веќе се влезени во дневната соба на македонската економија. Затоа, ќе биде интересно да се види новоформираната влада во јуни како ќе го решава проблемот и дали воопшто ќе биде на дневен ред или и понатаму ќе бидат најважни партиските вработувања во државниот сектор.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...