Македонија

БРИМА: Најкористени македонски брендови

17 Jan 2024

Перцепцијата на граѓаните во однос на нивните навики за користење македонски производители, постојаноста на квалитетот на македонските производи, како и перцепцијата за цените на македонските производи во однос на странските се разликува и е поделенa. Таа зависи од местото на живеење, дистрибуцијата и изборот на производи на местата во кои живеат, но и од демографските карактеристики

Автор: Калина Медаровска-Михајловска, управител и истражувач во БРИМА, kalina.medarovska@tns-brima.mk

Анализата на резултатите во овој текст e направена врз база на омнибус-истражувањето спроведено во февруари/март 2023 година, кое БРИМА го спроведува 4 пати во годината, на секои три месеци (февруари, мај, август и ноември). Оваа анализа дава одговор на тоа кои се најкупувани/најкористени производи, односно производители, а e направена врз база на одговорите на испитаниците во врска со брендови кои најмногу ги купуваат од FMCG-секторот. Воедно, од анализата добивме одговори и во врска со квалитетот на домашните производи и цените во однос на странските производи. Омнибус-истражувањето е едно од многуте различни типови истражувања што ги спроведува БРИМА, а се разликува од другите по тоа што клиентите ги делат трошоците за неговото спроведување и секој клиент поединечно учествува со сопствени прашања и ексклузивност во користењето на резултатите. Резултатите прикажани во оваа анализа се од истражувањето спроведено на примерок од 1.200 граѓани на Македонија, на национално репрезентативен примерок во домовите на испитаниците постари од 15 години. Истражувањата се спроведени со помош на методата TAPI (Tablet Assisted Personal Interview), а се направени со член од семејството по принципот: „прв следен роденден“. Маргината на грешка е +/- 2,81%. Уште една предност на омнибус-истражувањето е што со негова помош може да се следи трендот во резултатите поради тоа што во секој бран се применува истата методологија и начин на подготовка на примерокот (повеќестепен стратификуван случаен примерок, што е всушност репрезентативен примерок на популацијата на  Македонија).

БРИМА е дел од групацијата КАНТАР и спроведува истражувања кои се однесуваат на задоволство на клиентите од услугите на угостителите, таен купувач (Mystery Shopping); навики и ставови (U&A) на корисници на разни производи/услуги; истражувања во врска со програми за лојалност; истражувања наменети за одредени таргет-групи и други ад хок и брендирани солуции (NeedScope, BrandZ, Link+, AdNow, TRI*M, Conversion Model и најново е Kantar Marketplace, но и други брендирани решенија).

Исто така, секој читател може да стане панелист со регистрација на платформата seeintouch.mk и да се стекнува со поени преку одговарање на онлајн-анкети

Користење македонски (производители) брендови

Во овој бран од омнибус-истражувањето прашањата што им ги поставивме на респондентите се однесуваа на нивното користење производи, односно производители од Северна Македонија. Добивме многу разновидни одговори како од аспект на производи кои ги користат во нивните домаќинства така и од аспект на производители. Интересно е што увидовме дека дел од респондентите во своите спонтани одговори кажуваат и брендови кои не се од македонско потекло, меѓутоа, во оваа анализа ќе бидат прикажани, а овие брендови би ги нарекле „одомаќени“ брендови. Од друга страна, во Северна Македонија се произведуваат или се пакуваат и некои странски производи според добиена лиценца за производство или се долго време присутни на пазарот, така што е нормална ваквата перцепција. На спонтаните одговори на испитаниците беше потребно да се изврши одредена категоризација, па така, на прашањето Кои три македонски брендови најчесто ги користите/консумирате во вашето домаќинство кои можат да бидат прехранбени или непрехранбени?, како прв спонтан одговор (Top of Mind – табела 1) добивме дека производители кои најчесто ги користат во домаќинството се производители на: леб и бели печива, кондиторски производи, млеко, масла за јадење и оцет, грицки, намази и сосови итн. Поконкретно, првоспоменат производител во највисок процент е „Витаминка“ (13,4%), следува „Битолска млекара“ (10.4%), брендот Брилијант, маслото за јадење Кристал итн. Под одговорот друго, каде што повеќе од 11% од респондентите даваат одговори, се јавуваат македонски брендови кои се помалку од два-три пати споменати (спонтано како прв одговор).

Табела бр.1: Првоспоменати производители што се користат во домаќинствата (Top of mind):

*Целосната листа може да ја погледнете во изданието MUST HAVE 2024

Бидејќи за ова прашање им дадовме можност за три спонтани одговори (табела 2), крајно можеме да видиме дека во највисок процент се користат преработени производи, масла за јадење, млеко и леб, бели печива, како и пијалаци од пиварниците што се од македонско потекло. Па така, на прво место како најспоменат бренд е Витаминка со над 30% (на четвртото место е негов подбренд маслото за јадење Брилијант со 11%), на второто место е Bimilk со речиси 29%, а на трето место е маслото Кристал со 12% итн.

Табела бр. 2: Сите споменати производители/брендови што се користат во домаќинствата (до три одговори)

Спонтани одговори во врска со најчесто користените три производители во домаќинствата што се со македонско потекло – во табелата се прикажани проценти во колона за руралните и урбаните средини, како и севкупно за целата држава (табела бр.3):

Исто така, како вкупни одговори на трите спонтани прашања во врска со тоа кои македонски брендови најчесто ги користат во нивните домаќинства, граѓаните од руралните средини како најкористени 10 бренда ги истакнуваат: Витаминка, Bimilk, Кристал, Брилијант, Бучен Козјак, Жито lукс, Здравје Радово, Жито Полог, Скопска pивара и Podravka. Граѓаните од урбаните средини ги истакнуваат брендовите (топ-10): Bimilk, Витаминка, Кристал, Брилијант, Здравје Радово, Жито lукс, МИК Свети Николе, Скопска Пивара, Бучен Козјак и Korab Trnica.

Во урбаните средини во повисок процент во споредба со руралните се споменуваат: Bimilk, МИК Свети Николе, Кораб Трница, Европа, Алкалоид, Пелистерка, кафето Браво и Kraš.

Во руралните средини во повисок процент во споредба со урбаните средини се споменуваат: Жито Полог, Alpi, UKA Komerc, Vezë Sharri /Lecker, Divella, Munevere и BON. 

Кумулативна Топ-листа на македонски брендови – во рурални, урбани и севкупно во Македонија е дадена во табела 3.

Табела бр. 3: Сите споменати производители што се користат во домаќинствата (до три одговори) според урбанизацијата

*Целосната листа може да ја погледнете во изданието MUST HAVE 2024

* Напомена: постојат голем број брендови што се севкупно споменати, но се помалку од 1%

Дали производите од македонско потекло се со константен квалитет?

На оваа интригирачка тема во врска со константноста на квалитетот на прехранбените и непрехранбените производи од македонско потекло можеме да кажеме дека мислењата се поделени. Со нешто повисок процент (48%) респондентите мислат дека производите се со константен квалитет, додека 44% сметаат дека не се. Повеќе на графикон 1.

Подлабинските анализи покажуваат дека респондентите од руралните средини во повисок процент сметаат дека тие не се со константен квалитет отколку респондентите од урбаните средини (48%:41% соодветно). Понатаму, помладите од 35 години, исто така, сметаат дека квалитетот е неконстантен за разлика од постарите од 35 години. Македонците (54%) и другите националности (65%) сметаат дека квалитетот е константен за разлика од припадниците на албанската заедница во Македонија (23%). Респондентите од Скопскиот и од Полошкиот Регион се посомничави отколку респондентите од другите региони во однос на квалитетот на производите, прикажано на графикон 2.

  

Дали производите од македонско потекло се поевтини од производите од странско потекло?

На прашањето: Дали сметате дека прехранбените или непрехранбените производи од македонско потекло што се купуваат во маркети/супермаркети се поевтини од производите од странско потекло? (графикон 3), речиси секој втор респондент од пет смета дека производите од македонско потекло се поевтини од производите од странско потекло, односно повеќе од половината сметаат дека тие не се поевтини. Со подлабинска анализа можеме да видиме дека Македонците (41%) и припадниците од другите етнички заедници (49%) во повисок степен сметаат дека производите од македонско потекло се поевтини во споредба со припадниците од албанската заедница (23%). А граѓаните од Југозападниот Регион во повисок процент не се согласуваат дека производите од македонско потекло се поевтини од производите од странско потекло во споредба со жителите од Вардарскиот, Источниот, Полошкиот и Скопскиот Регион. Во однос на урбанизацијата, се забележува дека граѓаните од руралните средини (58%) во повисок процент не сметаат дека производите од македонско потекло се поевтини од странските за разлика од тие што живеат во урбаните средини (51%).

Графикон 3: Дали сметате дека прехранбените или непрехранбените производи од македонско потекло што се купуваат во маркети/супермаркети се поевтини од производите од странско потекло?

 

Перцепцијата на граѓаните во однос на нивните навики за користење македонски производители, постојаноста на квалитетот на македонските производи, како и перцепцијата за цените на македонските производи во однос на странските се разликува и е поделенa. Таа зависи од местото на живеење, дистрибуцијата и изборот на производи на местата во кои живеат, но и од демографските карактеристики.

Поради големиот избор и наведување голем број производители од респондентите, се забележува, но и се алудира на тоа дека компаниите треба повеќе да се насочуваат кон квалитетот, но и цената на производите, за поголема конкурентност на овој широк пазар. Прашање е колку иновативноста на производите игра улога во зголемувањето на перцепцијата, но и купувањето и користењето на производите. Фреквентноста на нивното рекламирање и успешниот маркетинг веќе знаеме дека играат огромна улога врз перцепцијата (давањето на спонтаните одговори на респондентите), но и нивно купувањето и користењето.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...