Македонија

Делегација на Американскиот совет на млади политички лидери (ACYPL) во посета на „Алкалоид“

31 Aug 2023

По првичната минатогодишна работна средба, претставници на Американскиот совет на млади политички лидери (American Council of Young Political Leaders – ACYPL), во придружба на претставници од Амбасадата на САД во Скопје, по вторпат остварија работна посета на „Алкалоид“.

За време на посетата, работната група, предводена од генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“ Живко Мукаетов, ги претстави постигнатите резултати од работењето, инвестициските проекти кои компанијата континуирано ги реализира низ годините, извозните операции, како и спроведените активности за општествена одговорност, како едни од клучните приоритети во корпоративната политика на „Алкалоид“.

Посебен акцент беше ставен врз соработката на „Алкалоид“ со реномирани компании од САД, како на пример Pfizer и MSD (Merck Sharp & Dohme), трасиранa пред повеќе од 5 децении.

Од деловните потфати во САД особена гордост за „Алкалоид“ се пласманите на чаеви од програмата Good Nature. Во изминатите 18 години, преку својата подружница во Охајо, САД, „Алкалоид“ има воспоставено успешна соработка со американски компании специјализирани за производство и за дистрибуција на чаеви и на природни лековити производи, како на пример реномираната AVEDA, членка на групацијата „Есте лаудер“, и компаниите „Арбон интернешнл“ (Groupe Rocher Аrbonne), „Свансон“ и други. Чаевите на „Алкалоид“ на американскиот пазар се присутни и под сопствен бренд, пласирани во големи синџири на маркети, а се продаваат и преку мрежата на „Волмарт“ и на „Амазон“.

Во рамките на глобалната продажна мрежа www.amazon.com, алкалоидовиот чај Healthy Heart фигурира со препознатливата ознака Amazon’s Choice. 

Освен пласманите на чаеви од програмата Good Nature и на детската козметика од брендот „Бекутан“, „Алкалоид“ е партнер од избор на неколку реномирани американски фармацевтски компании, со кои, во рамките на фармацевтската дејност, остварува различни форми на соработка, како на пример лиценцно производство, маркетиншко застапување и авторизации за дистрибуција на нивните производи. 

Членовите на делегацијата, меѓу кои г-ѓа Сара Харбисон, г. Ноа Санфорд, г-ѓа Брајд Свини, г-ѓа Ванеса Танер, г. Ентони Вега, г. Роберт Вилијамс и г. Дејвид Спектор, го истакнаа своето задоволство од успешното работење на „Алкалоид“ и од деловните активности на компанијата на американскиот пазар.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...