Македонија

Македонија е на 22 место во светот по производство на вино

22 Aug 2023

Македонија е 22 земја во светот во производство на вино, покажуваат податоците од Меѓународната организација за лози и вино.

Земјава има 936 илјади хектолитри произведено вино, или 0,36 отсто од светското производство. Трета година по ред се бележи зголемување кај извозот на флашираното вино. Бројот на регистрирани мали семејни винарии надмина над 200.

Најголем производител на вино во светот е Италија, каде што лани биле произведени речиси 50 милиони хектолитри (или околу 1.994 олимписки базени) вино, што е речиси една петтина од вкупното производство на вино во светот за 2022 година. Помалку од половина од тоа вино било испратено на странски пазари, што ја прави Италија и најголем извозник.

На второто место е Франција со 45,6 милиони хектолитри, додека на третото Шпанија со 35,8. Овие три европски земји заедно произведуваат половина од светското вино.Кога станува збор за регионот, најголем производител на вино е Грција, која се наоѓа на 19. место со 2,2 милиони хектолитри произведено вино во 2022 година, што е 0,82 отсто од светското производство. Бугарија е на 26. место со 747 илјади хектолитри, Турција е на 29. место со 622, Хрватска на 31. место со 561 илјада хектолитри, Словенија е веднаш зад неа со 546, Албанија е на 41. место со 228 илјади хектолитри.

Производството на вино беше релативно стабилно во текот на изминатата деценија, но климатските промени доаѓаат и по оваа индустрија. Според светските медиуми, високите температури се и благослов и клетва за винарниците. Некои региони кои порано се сметале за неповолни за одгледување грозје, како Англија, сега почнуваат да покажуваат потенцијал за некои видови. Истовремено, во некои региони каде што традиционално се одгледува грозје топлото време доведува до презревање, што ги принудува винопроизводителите да го ограничат изложувањето на сонце на лозите.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...