Македонија

Производи што рушат рекорди

12 Jul 2023

Општото зголемување на цените, вклучувајќи ги и на прехранбените производи, значително го менува однесувањето на потрошувачите

Големата посетеност на овогодишниот меѓународен саем „Светот на приватни трговски марки - ПЛМА“ ( World of Private Label), кој се одржа кон крајот на мај во Амстердам, го потврди интересот за приватните трговски марки како опција што во последно време е се почест избор на купувачите. Имено, на саемот имаше рекордни 16.000 + посетители од 120 земји од светот, при што вкупно 2.650 компании од 72 земји ги претставија своите прехранбени и непрехранбени производи.

Рекорден пораст на трговските марки има во голем дел од светот. Во САД, поттикнат од двоцифрениот пораст на продажбата на приватните трговски марки, овој сегмент постави нови нивоа за годишен обем, и од вредносен и од волуменски аспект. Минатата 2022 година почна со едноцифрен пораст на продажбата во јануари (6,3%), февруари (7,5%) и март (9,1%). Во мај процентот се искачи на две цифри (11,8%), а во последните четири месеци од годината тој во просек изнесуваше околу 13%. За цела година продажбата на приватните марки се зголеми за 11,3%, речиси двојно повеќе од порастот на А-брендовите, чиј пораст изнесуваше 6,1%, покажаа податоците на „ИРИ јунифај“. Притоа, годишниот вредносен обем на трговските брендови се зголеми за 23,2 милијарди долари, поставувајќи нов рекорд од 228,6 милијарди долари.

Роберт Цуцулески, „Кривогаштани промет“: Сѐ зависи од брендот, колку тој е прифатен или колку купувачот гледа потенцијал во брендот.

Приватните трговски марки се во подем и низ цела Европа. Во 2022 година нивната продажба се зголеми во 14 од 15 европски земји, што беа предмет на анализа на „Нилсен IQ“. Благ пад на продажбата од 0,4 процентни поени бележи само Швајцарија, пазарот што е лидер во продажбата на трговски брендови. На овој пазар уделот на приватните марки се намали на 52 отсто.

Во Шпанија уделот на трговските марки е високи 46 отсто, по ланскиот пораст од 2,6 поени. Следуваат Холандија (45% удел), Велика Британија (43%), Германија (40%) и Португалија (39%).

Како е во Македонија?

Домашните трговци продаваат приватни трговски марки. Најчесто се поевтини од брендовите и поради тоа се поповолни за потрошувачите (иако има и обратни случаи, приватната трговска марка да има повисока цена поради нејзиниот квалитет). Сергеј Зафировски, основач и извршен менаџер на истражувачката агенција „Инсајдер ИД“, вели дека општото зголемување на цените, вклучувајќи ги и тие на прехранбените производи, значително го менува однесувањето на потрошувачите. Тоа ќе се одрази и врз перцепцијата кон приватните трговски марки. 

Пониската цена на приватните трговски марки ќе има сѐ поголемо значење во иднина за нивната продажба, особено што 55% од потрошувачите сметаат дека цената на приватните трговски марки е поповолна во однос на класичните брендови. Тоа што е интересно е дека пазарот генерално не е запознаен со терминот и што всушност претставува приватна трговска марка. Според истражување на „Инсајдер ИД“, повеќе од 70% од потрошувачите сметаат дека приватна трговска марка е трговска марка во сопственост на приватна компанија или дека сите производи се приватни трговски марки. Тоа сугерира на недостиг на комуникација и појаснување која е таа категорија на производи. Сепак, постои и можност дека синџирите маркети не сакаат да ги комуницираат како такви, поради страв дека ќе бидат перципирани како производи со понизок квалитет, изјави Зафировски.

Дистрибутерската компанија „Кола“ има свои приватни трговски марки. Прашавме во компанијата како поминуваат на пазарот.

Во портфолиото на „Кола“ се застапени добро познатите приватни трговски марки Baduco, Bungee и Super Pire, кои долги години се неизоставен дел од потрошувачката кошничка на потрошувачите на нашиот пазар. Побарувачката за овие производи расте од година на година и го следи трендот на двоцифрен раст на приватните марки на глобално ниво. Растот, пред сѐ, се должи на добриот квалитет и конкурентната цена по која нашите производи можат да се најдат на полиците во маркетите низ земјата. Нашите приватни марки се веќе добро препознаени брендови, низ годините се градени преку многубројни ATL и BTL кампањи. На сите им е позната рекламата за брендот Baduco - „Пробај рибешко“, велат од „Кола“.

„Кола“: Растот, пред сѐ, се должи на добриот квалитет и конкурентната цена по која нашите производи можат да се најдат на полиците во маркетите низ земјата.

Компанијата „Кривогаштани промет“ од Прилеп произведува околу 20 трговски марки кои се пласирани во повеќе држави: Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Франција, Австралија, САД, Сингапур, Велика Британија итн. Трговските марки процентуално се застапени околу 55% од вкупното производство на компанијата. Роберт Цуцулески, сопственик на „Кривогаштани промет“, објаснува дека големите синџири маркети имаат повеќе услови што треба да ги исполнува еден производител за да може да продава кај нив. Основа е да поседува сертификати за безбедност и квалитет. Најбаран и најопфатен е сертификатот IFS што ние го имаме неколку години. Тој е основа за разговор со маркетите, без него едноставно не се доаѓа ни до состанок. Исто така, во зависност од политиката на маркетот, како на пример „Лидл“ прави и интерен аудит со сопствени аудитори. И покрај сите услови што ги бараат маркетите, ние успешно одговараме на нивните барања, ни изјави Цуцулески.

Според него, продажбата на приватната трговска марка зависи од брендот, колку тој е прифатен или колку купувачот гледа потенцијал во брендот. Во нашиот случај брендот GURMANO учествува со 45% од вкупното производство и има тенденција на пораст секоја година, вели Цуцулески.

Растечкиот интерес за приватните трговски марки како алтернатива на брендовите има своја поткрепа и во бројките од истражувачките агенции. На пример, според „Нилсен IQ“, во 2023 година приватните трговски марки ќе растат за 2-3 процентни поени во Европа, при што најголем раст ќе имаат во Источна Европа. И „Нилсен IQ“ и ГфК ја потврдија Европа како најголем пазар за приватни трговски марки, со пазарен удел од 34 отсто.

Веро“: Најважни се високиот квалитет и конкурентните цени

Евидентно е дека расте побарувачката за производите од приватните трговски марки што нудат солиден квалитет за прифатлива цена

Колкав е уделот на приватните трговски марки во вкупниот асортиман на „Веро“ маркетите?

Приватната трговска марка производи под брендот „Веро“ постои од многу одамна, уште од почетоците на работењето на нашите маркети и опфаќа производи од повеќе различни категории. „Веро“ ја развива приватната трговска марка следејќи го интересот на потрошувачите и нивните специфични барања во однос на асортиманот на производи под овој бренд. Притоа, ги поддржуваме сите домашни производители што имаат интерес да се вклучат во производството на производи под нашиот приватен бренд. Целта на „Веро“ е да ја зголеми понудата на домашните брендови и компании, со што ќе ја поддржиме локалната економија и ќе ѝ дадеме дополнителен поттик, особено во сегашниот период на светска економска криза и зголемена инфлација. Дополнително, се концентрираме и на зголемување на понудата на ексклузивни производи во „Веро“ за да им излеземе во пресрет на барањата и на најпребирливите потрошувачи.

Според кои критериуми ги избирате компаниите што произведуваат приватни трговски марки за маркетите на „Веро“?

Сите соработници и деловни партнери на „Веро“ ги избираме според истите критериуми, при што приоритет е гарантирањето врвен квалитет на сите производи и услуги достапни за нашите потрошувачи. Истото важи и за приватната трговска марка, за која е најважно да има висок квалитет и конкурентни цени. Соработката со производителите, која се темели на искрен и партнерски однос, е столб на развојот на секоја успешна трговска марка, но и на целиот малопродажен бизнис. Затоа во таа насока ги спроведуваме и планираме сите актуелни, но и идни соработки.

Според Вашите податоци, што покажуваат трендовите – дали и во иднина ќе се зголемува продажбата на приватните трговски марки?

Малопродажниот бизнис изминативе две-три години се соочува со сериозни предизвици на светско ниво, но евидентно е дека расте побарувачката за производите од приватните трговски марки кои нудат солиден квалитет за прифатлива цена. Нашите потрошувачи се многу едуцирани, модерни, со истенчен вкус и ги следат новитетите на светските пазари и затоа тука нема простор за импровизации. Како и секогаш досега, ние ги следиме најновите светски трендови, но внимателно го следиме и пулсот на потрошувачите, нивните барања и потреби и одговараме на нив во вистинско време. Согласно тоа, со зголемувањето на побарувачката за производи од приватните трговски марки, ние соодветно ќе ја приспособиме понудата во „Веро“ маркетите.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...