Македонија

„Пекабеско“ доби одобрение за овластен економски оператор

06 Dec 2022

„Пекабеско АД Скопје“ вчера доби одобрение за овластен економски оператор(ОЕО), што претставува потврда дека компанијата е сигурен и безбеден партнер на Царината, кој има воспоставено контрола над процесите на своето работење, информираат од Стопанската комора.

Овој статус досега го имаат стекнато вкупно 25 компании

Придобивките за компаниите со статус ОЕО значат примена на царински поедноставувања, побрзи и поевтини прекугранични постапки и приоритет при царинење. Цел на Царинската управа е проширување на овие придобивки во земјите во регионот и ЕУ, заради што интензивно се работи на имплементација на протоколите за меѓусебно признавање на компаниите со статус на ОЕО со Србија и со Албанија, преку електронска размена на овие податоци и вградување во националните царински системи, соопштија од комората. 

Директорот на Пекабеско, Слободан Кутревски, вели дека стекнувањето статус на ОЕО, како и воведените олеснувања во царински постапки, влијае позитивно на реномето и трговско - економските релации на компанијата, а со тоа се подобрува нивната конкурентност како во државата, така и во поширокиот регион.

Годинава на граничниот премин Табановце – Прешево и Ќафасан – Ќафтане се отворени и посебни приоритетни ленти за стоки и ОЕО компании од земјите од Отворен Балкан. Од особено значење е и неодамна воведеното автоматско царинење за еден час со т.н. зелени царински декларации, од чија примена особено имаат корист компаниите кои поседуваат одобрение за овластен економски оператор, како доверливи економски оператори, препознаени во процесот на анализа на ризик.

Извор: Стопанска комора на Северна Македонија 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...