Македонија

„Витаминка“ поддржува веб-страница за невропедијатриски состојби кај децата

06 May 2022

Со поддршка од „Витаминка“ создадена е веб-страницата Neuroped.mk за невропедијатриските состојби кај децата.

Веб-страницата е создадена со цел на ефикасен и професионален начин да понуди информации, кратки упатства и совети поврзани со детскиот развој и најчестите невропедијатриски состојби и на тој начин да стане веродостоен извор за родителите, старателите и здравствените работници.

Благодарение на „Витаминка“ и на нашиот тим создадовме страница посветена на невропедијатријата, на спектарно одредени состојби, во јавноста познати како спектар на аутизам. Преку оваа новина родителите, но, и луѓето што професионално се занимаваат со оваа проблематика ќе може да добијат информација за секоја дилема и да дојдат до конкретен и кредибилен информативен одговор за да знаат дали детето треба да го донесат на клиника, дали да се советуваат со матичен педијатар или пак ние, да дадеме мислење преку мултидисциплинарен тим, составен од невролог, психолог, психијатар, логопед и дефектолог, истакна проф. д-р Аспазија Софијанова, дел од уредувачкиот одбор.

Иницијативата за Neuroped.mk потекнала од прим. м-р сци. д-р Габриела Тавчиоска, специјалист педијатар, според која со создавањето на оваа веб-страница се вложува во здравјето, безбедноста и благосостојбата на доенчињата, децата и адолесцентите.

Целосно го поддржавме создавањето на Neuroped.mk и застанавме зад реализацијата, поради сеопфатноста и повеќефункционалноста, а особено затоа што е во сферата на педијатријата, наменета за децата и нивниот развој, вели Симона Симоновска, директор за маркетинг во „Витаминка“.

Содржините за интернет-страницата се создадени од експерти во областа на невропедијатријата од Универзитетската клиника за детски болести – проф. д-р Филип Дума (супспецијалист невропедијатар и одговорен уредник), а дел од уредувачкиот одбор освен проф. д-р Аспазија Софијанова (супспецијалист неонатолог-интензивист) и д-р Габриела Тавчиоска, се и специјалист педијатар проф. д-р Соња Бојаџиева (супспецијалист гастроентерохепатолог), д-р сци. Валентина Дуковска (специјален едукатор и рехабилитатор), д-р Љеља Муаремоска-Канзоска (супспецијалист невропедијатар и научен соработник) и д-р Данило Нонкуловски (специјалист педијатар).



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...