Македонија

Уставен суд не расправаше за неработната недела - иницијативата е повлечена од технички причини

21 Apr 2022

Од технички причини беше повлечена иницијативата за недела неработен ден поднесена од Стопанската комора на Северна Македонија до Уставниот суд. Иницијативата ќе биде ставена на дневен ред во некоја од следните седници. Судијата известител Вангелина Маркудова, не даде поопширно образложение за техничкиот дел кој треба да биде обработен.

Претседателката на Уставен суд, Добрила Кацерска, апелираше до советот кој работи на овој предмет да направи исправки на рефератот во најкраток можен рок имајќи предвид дека се работи за актуелен предмет за кој јавноста е заинтересирана.

Преку оваа иницијатива Стопанска комора на Северна Македонија, ги оспоруваа последните измени на Законот за работните односи, во однос на недела неработен ден во државата.

Според подносителот оспорениот закон се однесува за работата во недела и смета дека истиот е спротивен на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), кои го иницираа законот недела неработен ден, денеска соопштија дека недела конечно е ден на неделен одмор и е реалност колку и тоа на одредени работодавачи да не им се допаѓа. Од ССМ повикаа Државниот инспекторат за труд да прави зачестени контроли и побрзо и поефикасно да постапува по пријавите од ССМ и работниците за прекршување на ова работничко право.

Во поглед на иницијативата од страна на Стопанската комора, ССМ бара Уставниот суд веднаш да ја отфрли истата, која, како што наведуваат е спротивна на Уставот.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...