Македонија

Од денеска без маска во продавници

13 Apr 2022

Од денеска купувачите и продавачите не се обврзани да носат маска во продавница, мерка што беше воведена пред околу две години како дел од мерките за заштита од пандемијата со Ковид - 19. Таква одлука беше донесена на вчерашната владина седница, според која се укинува носењето заштитна маска во затворен простор. 

Исклучок се јавните превозни средства (автобус, воз, авион, такси), здравствените установи, аптеките, установите за згрижување на стари лица и лица со попреченост. Во нив граѓаните и во иднина ќе мораат да носат  заштитна маска на уста. 

Од утрово во маркетите граѓаните веќе пазареа без до вчера задолжителната заштита. Тоа е големо олеснување за нив, со оглед на тоа дека продавниците се места во кои секојдневно одат. Во дел продавници без маски беа и продавачите. Во еден од синџирите маркети вработените ни рекоа дека добиле упатство ако сакаат продолжат да носат маски, но тоа би било по нивна сопствена желба. 

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, минатата недела во период од 4 до 10 април забележано е дека продолжува да се намалува бројот на заразени, хоспитализирани и починати од Ковид - 19. Процентот на позитивност се движи од 2,4 до 10,6 проценти, просечно 7,3 отсто. Од новозаболените, најголем број се од Скопје-83, а активни се 583 случаи во главниот град. Во Берово, Дебар, Македонски Брод, Македонска Каменица и Пробиштип во моментов нема активни случаи на коронавирусот. Заклучно со 6 април, вакцинирани се 873. 332 лица. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...