Почнувајќи од март минималната плата ќе биде зголемена на 18.000 денари, а државата ќе го субвенционира делот од придонесите. За таа цел од Буџетот ќе бидат одвоени 16 милиони евра до крајот на годината.
Се менуваат и критериумите за усогласување на минималната плата, односно како критериуми ќе се земат:
– 50% од годишниот пораст на просечната плата и 50% од порастот на животните трошоци, а новина е тоа што отсега наместо порастот на БДП, како критериум ќе се зема висината на минималната плата која не треба да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена од Државниот завод за статистика.
– 80.000 работници од различни индустрии почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари. Оваа сума означува пораст на нето-платата на овие работници за околу 45 евра месечно. Зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари ги опфаќа вработените во микро и малите претпријатија, трговијата, преработувачката индустрија и други важни индустрии во земјата.
Со договорот работодавачите ќе го покријат целокупното нето зголемување на платите за своите вработени кои се на минимална плата, а државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите од сегашната минимална плата од 15.200 денари до онаа која ќе се исплаќа за март од 18.000 денари.
Станува збор за удел од страна на државата во износ од околу 16 милиони евра кој ќе се исплаќа до крајот на годината, изјави премиерот Димитар Ковачевски по седницата на Економско-социјалниот совет.
Според ССМ зголемувањето на минималната плата е егзистенцијална потреба на работниците.
Добивме минимална плата која изнесува 62% од просечната плата. Добивме една нова методологија каде што велиме 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од трошокот за живот, а во методологијата го изоставивме делот за БДП кој во минатото ни правеше големи негативни ефекти. Минатата година беше минус 0,7 проценти и не успеавме да ја усогласиме минималната плата на ниво достоинствено за работниците, истакна претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски.
Тој се надева дека доследно ќе се почитува и член 8 од Законот за минимална плата според кој со порастот на минималната плата треба да се усогласат и сите останати плати. Димовски најави дека синдикатот ќе продолжи да се бори и за барањето за исплата на регрес за годишен одмор во целиот јавен сектор.
Владанка Трајкоска, претседателката на Организацијата на работодавачи истакна дека ова е нова одлука за работодавачите и дека ќе го консултираат своето членство и да излезат со став во поглед на реперкусиите врз работењето.
Овој договор е постигнат по два одржани состанока на Економско-социјалниот совет. Претходно, Бизнис конфедерацијата побара од Владата да помогне со субвенционирање за зголемувањето на минималната плата, а вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вети дека предлогот ќе биде разгледан на Економскиот совет на Владата. Вчера, пред Економско-социјалниот совет, седница одржа Економскиот совет при Владата.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.