Македонија

ОРМ нуди две нови услуги за компаниите

21 Dec 2021

Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) промовираше две нови услуги – едукативна тренинг платформа и конкурентна плата, кои како што велат, може да помогнат за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на македонските компании.

Првата од двете услуги на ОРМ претставува дигитална едукативна тренинг платформа која овозможува надградба на знаењето и вештините на вработените во компаниите, а со тоа и на нивната продуктивност, преку бесплатни курсеви, како и еднодневни и тридневни обуки кои можат да се следат онлајн, преку порталот etp-orm.org.mk

Засега на оваа е-платформа на ОРМ се поставени три обуки, и тоа од областа на безбедноста и здравјето при работа, заштитата од вознемирување на работното место и трудовата легислатива и нејзината примена, како и еден бесплатен вебинар за активните мерки и протоколи за спречување на ширење на Ковид-19. Во зависност од интересот и потребите на членките на организацијата, предвидено е оваа е-платформа постојано да се надополнува со нови едукативни модули и содржини, информираат од ОРМ.

Преку втората услуга – конкурентна плата, ОРМ им овозможува на компаниите да добијат релевантни информации за нивоата на плати и другите надоместоци на вработени и менаџери на различни работни места, профили и позиции и да ги споредат платите на своите вработени на конкретни работни места и позиции.

Ваквите информации, нагласуваат од ОРМ, ќе им овозможат на работодавачите да креираат ефективни стратегии за наградување на вработените во нивните компании, за задржување на компетентните работници и привлекување нови, како и увид за тоа како нивните компании се позиционирани на пазарот на трудот во однос на конкуренцијата и останатите компании во различни гранки и сектори.

Преку овие две иновативни услуги сакаме да им овозможиме на нашите членки, но и на сите останати компании во земјата, да направат конкретни чекори за зголемување на својата продуктивност и конкурентност. На ваков начин ние всушност го нудиме она за што постојано се залагаме и сметаме дека претставува еден од основните предуслови за реален и одржлив раст на бизнисот, а со тоа и на платите и животниот стандард на вработените, вели претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска.

За да го стимулира користењето на овие услуги, ОРМ предвидува специјални поволности за членките на организацијата и воедно ги поканува работодавачите да пристапат и да ги користат овие услуги. ОРМ е единствена репрезентативна организација на работодавачи од приватниот сектор, која ги застапува интересите на повеќе од 1.996 компании со над 60.000 вработени во трипартитниот социјален дијалог со синдикатите и Владата. Фокусот на делување на ОРМ се сите теми од интерес на работодавачите поврзани со образованието, безбедноста и здравјето при работа, трудовата и социјалната легислатива, оданочувањето, инвестициите, кредитирањето, инфраструктурата, општествената одговорност и други области.

Двете услуги на ОРМ се поддржани преку проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, кој го спроведува Меѓународната организација на трудот, со финансиска поддршка од Европската Унија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...