Македонија

МОТ и „Фајнанс тинк“: За едно понудено работно место има до 47 невработени лица

26 Nov 2021

На пазарот на труд има недостиг на квалификувана работна сила, драстично поголема понуда од побарувачката за одредени занимања и дефицит на работна сила со средни вештини, покажува истражувањето на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и „Фајнанс тинк“,  спроведено во девет општини во земјава и тоа во Битола, Кичево, Куманово, Ресен, Свети Николе, Струга, Струмица, Тетово и Штип.

Разликите меѓу општините се евидентни. Така, за едно понудено работно место има дури до 47 невработени лица како што се случајот во Тетово, а во Куманово речиси 12 невработени лица. Во останатите општини кои се предмет на истражувањето, тој број е значително помал.

Од аспект на занимање, суфицитарните јазови на поголема понуда од побарувачка за работна сила се појавуваат кај занимањата со високи вештини, особено изразени кај правните и општествените струки, и во областа на образование и култура. Но, исто така, и кај лицата без занимање со основно образование и оние со гимназиско средно образование. Додека, кај занимањата со средни и ниски вештини доминираат дефицитарни јазови, со недостиг од работници со средно образование, за различни занимања. Иако, во споредба со високите вештини, кај средните и ниските вештини, јазови од според образование се позастапени. Тоа упатува дека занимањата се соодветни, но потребна е докфалификација, соопштија од „Фајнанс тинк“. 

Истражувањето покажува дека и обуките понудени од образовниот систем не соодвествуваат со потребите на компаниите. Како што се оценува во истражувањето, иницијативите за поврзување на стручните училишта и бизнис секторот и интензивирањето на инвестициите во средните стручни училишта се во насока за ублажување на овој проблем, но, на среден рок, потребно е преосмислување на програмите и на вештините што ги нуди стекнатата диплома во согласност со потребите на пазарот на труд.

Се препорачуваат и мерки што ќе ја подобрат квалификацијата, преку доквалификација и преквалификација на невработените лица без занимање и гимназиско образование.

Дијагностиките на локалните пазари на трудот се изработени за потребите на локалните економско-социјални совети, со цел да понудат подобри и поинформирани препораки при дефинирањето на политиките и плановите за образовните приоритети и за пазарот на трудот на локално ниво.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...