Македонија

ЕК: Останува низок квалитетот на транспортната инфраструктура и трговската логистика

22 окт 2021

Квалитетот на транспортната инфраструктура и трговската логистика, според Извештајот на Европската комисија(EK) за напредокот на државава, останува низок.

 На трансевропскиот патен „Коридор 8“ му треба значителна надградба на ниво на автопат. Во јуни 2021 година, вториот рок за завршување на изградбата на автопатот Кичево-Охрид беше пролонгиран. Изградбата на железничкиот „Коридор 8“ кон Бугарија се соочува со значителни одложувања. Надградбата на прекуграничните железнички врски и олеснувањето на премините на железничкиот „Коридор 10“ се одвиваат со задоцнување. Заедничката железничка гранична станица со Србија кај Табановце се уште е во фаза на планирање. Одржувањето и услугата на регионалните и локалните патишта и железничките системи треба да се подобрат, се наведува во Извештајот. Генералната оценка на ЕК е дека во областа на транспортот државава е умерено подготвена, а постигнат е ограничен напредок, особено во врска со поврзувањето.Според ЕК, долги години за транспортниот сектор нема административен и оперативен капацитет и особено политичка определба да се исполнат потребните секторски реформи. Нема напредок во завршувањето на клучните реформи во секторот и остануваат препораките од претходните години.

Во наредната година, Северна Македонија треба, особено да работи на зајакнување на оперативниот и административниот капацитет на инспекциските тела и на развивање на капацитетот за спроведување за намалување на жртвите во патната и железничката инфраструктура. Воедно, на спроведување на мерките за реформа за поврзување за реформа на железницата и отворање на пазарот за железнички транспорт.  Исто така, и на воспоставување национален систем за континуирано собирање податоци за сообраќајни несреќи и финализирање на договори/протоколи за граничен премин. Европската администрација упатува и дека треба да се усвои законодавство за интелигентни транспортни системи (ИТС) и комбиниран транспорт, како и да се направат дополнителни напори за изработка на стратешка рамка за имплементација на ИТС и основните мрежи.

Како што се наведува во Извештајот, во делот на општото транспортно законодавство веќе се воспоставени клучните стратешки документи за транспорт и неговите потсектори, а ограничен напредок се нотира во подготовката на акцискиот план на Националната стратегија за транспорт 2018-2030 година.

Оперативните и административните капацитети за сите видови транспорт остануваат слаби. Оваа поставеност го попречува правилното спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан во областа на транспортот. Законот за истрага за воздушни и железнички несреќи не е целосно имплементиран, независното тело за истрага на железнички несреќи не е формирано. Потребни се повеќе напори за спроведување на законодавството на ЕУ за правата на патниците за сите видови транспорт и целосно транспонирање на Директивата за интелигентен транспортен систем (ИТС) и воведување на релевантните национални закони. Стратегијата за ИТС со придружни ресурси се уште недостасува, се додава во документот.

Правната рамка за патниот транспорт во голема мера е усогласена со правото на ЕУ.

Сепак, законодавството не е во чекор со промените во правото на ЕУ. Законодавството за опасни материи е усогласено со правото на ЕУ, но не е постигнат напредок во проценката на сообразност на постојната опрема за транспорт на опасни материи. Напредок е постигнат кон формирање извршно тело за безбедност во сообраќајот на патиштата. Потребни се повеќе напори за усогласување со правото на социјална заштита и безбедност, се наведува во извештајот.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...