Врвни малопродажни синџири и дистрибутери од Централна и Источна Европа (ЦИЕ) беа на дводневна средба во Будимпешта, Унгарија со доставувачи на прехранбени производи од истиот регион, каде што со свој претставник беше присутна и македонската компанија „Витаминка“.
Целта на средбата е да се најдат нови брендови и производи потребни за меѓународна дистрибуција на големите синџири и брендови.
Како што информираат од „Витаминка“, на годинешната средба биле застапени повеќе категории, од кои во голем дел компанијата има свои производи; закуски, зачини, кондиторски производи, додатоци за храна, суви намирници, бебешка храна, конзервирана храна, млечни производи, сезонски производи и смрзната храна.
„Штамегна“ (Stamegna) во Будимпешта е една од најзначајните деловни средби во сегментот производи за широка потрошувачка, која е создадена да отвори можности за пораст и развој, особено за производителите на прехранбени производи. Средбата ги поврзува производителите со најголемите продажни синџири во Европа, а го отвора и патот за пласман на квалитетот многу пошироко. Воедно, корисна е и од аспект на запознавање со најновите трендови, побарувачкате и стандардите во прехранбената индустрија, изјави Љупчо Велески, директор за извоз во „Витаминка“.
Следејќи ги новите трендови во исхраната, од големите малопродажни синџири сѐ повеќе се бараат специфични производи – гурмански, етнички, здрави, органски/био и растителни.
Ваквитe средби меѓу бизниси се одличен начин за проширување на извозот, поврзување со водечките купувачи или за истражување на можностите и капацитетите на поширокиот пазар, се наведува во соопштението на „Витаминка“.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.