При посетата на компаниите „Кривогаштани промет“ и „Витамика“ директорот на Агенцијата за странски инвестиции Дејан Павлески истакна дека е потребна соработка меѓу странските и домашните компании.
Според него, целта е да се запознае со активностите на компаниите, особено со тоа како се одвива извозот, кој е исклучително важен сегмент за развојот на македонската економија.
Ова се две важни компании, особено „Витаминка“ која е мотор на развојот на економијата во Пелагонискиот Регион. За нас е исклучително важно нивното добро функционирање. Агенцијата и Владата ја поддржуваат „Витаминка“, се надевам во иднина и „Кривогаштани промет“, зашто имаат многу идеи што треба да се развиваат во наредниот период и да освојуваат нови пазари, изјави Павлески.
Павлески прво се сретна со Симе Станчески, еден од сопствениците на „Кривогаштани промет“, компанија која го развива брендот Gurmano и освојува странски пазари со план за poраст и проширување на палетата производи. За своите производи компанијата користи суровини главно добиени од Пелагонискиот Регион и ги пласира освен на домашниот пазар, во 23 земји во светот.
Потоа следуваше и средбата со Сашо Наумоски, директор на прилепската прехранбена индустрија „Витаминка“.
Од посетите беше заклучено дека потребна е поддршка за извозот иако и двете компании успешно се справуваат со проблемите. Тоа е поттик и за другите компании да се охрабрат на странските пазари. Исто така, компаниите треба да вложуваат во брендирање и развој на претпознатлив бренд. Тоа е важно и за домашниот, но и за пласман на производите на странските пазари.
Како што објасни Сашо Наумоски, директор на „Витаминка“, извозот за 2021 година го планираат со резерва, а смета дека е нужна соработката со странските инвеститори.
Поради пандемијата е неблагодарно да се планира 2021 година. Искрено се надевам дека јануари ќе биде месец на „прекршување“ на пандемијата. Се очекува и вакцината. Плановите, нормално, ги правиме со пораст, како и секоја година. Предвидувавме пораст од 10%, рече Наумоски.
Нагласи дека апсолутно е потребна поддршката од државата, но и соработка со странските компании.
При разговорот со директорот нагласивме дека е добро и странските инвестиции да се отворат за соработка со нас. Ги чувствуваме како наши компании, ни помагаат за вработените да почувствуваат што значи вистинско европско работење, за редот и дисциплината. Задоволни сме од влезот на странските инвестиции за да падне притисокот и врз нас, македонските компании. Искрено, посакуваме да имаме подобра соработка. Да отворат и да најдат супститут на увозните суровини и репроматеријали и да побараат од нашите, македонски, капацитети, додаде Наумоски.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.