Врвни професионалци од земјава, Јадранскиот Регион, Белгија и од САД споделија клучни знаења од своето богато искуство.
Повеќе од 1.450 посетители го проследија 7. FMCG summit, кој се одржа на 28 октомври, во организација на магазинот InStore и агенцијата „Кликер маркетинг“. Како и претходната година, седмиот по ред самит се одржа онлајн и беше целосно бесплатен за следење, а со тоа достапен и за многу поширока публика.
Осум врвни професионалци од земјава, Јадранскиот Регион, Белгија и од САД споделија клучни знаења од своето богато искуство. Слушнавме и едно ексклузивно интервју, како и една искрена онлајн панел-дискусија. Говорниците зборуваа за тоа како мудро да се одговори на проблемите, за проверени практики што ги решаваат предизвиците, како да се опстои во несигурни времиња што веќе се константа во работењето... И конечно – како да се има победничка визија.
Посетителите имаа можност да го проследат самитот преку „Јутјуб“.
Како и секоја година, настанот го отвори Верица Мартиновска, директорка на InStore – Македонија и на „Кликер маркетинг“, која во воведното обраќање потсети дека годинава InStore прославува два јубилеја: 10 години постоење и 100. број на магазинот. Во денешно време тоа е вистински подвиг, со кој покажавме дека InStore му е потребен на FMCG-секторот исто колку што и секторот му е потребен на магазинот, истакна таа. Притоа, ги најави и следните два проекта – 100 MUST HAVE, односно топ-100 бренда што секој трговец треба да ги има на полица и Skopje Marketing Summit, кој ќе се одржи во мај 2022 година.
Прва настапи Илина Бакев, директорка на „Мамас“ во Австрија, која раскажа за искуството при влегувањето на австрискиот пазар, успешното позиционирање на брендот и за поуките што можат да се извлечат од искуството на Mama's.
Основањето на компанијата во Австрија во 2018 година беше лесниот дел, подоцна дојдоа оперативните работи, кои беа потешкиот дел. Лекциите што ги научивме се дека мора да го знаете локалниот јазик и покрај убедувањето дека бизнисот „работи“ на англиски; добро е да имате локален човек или консултант во тимот, како и дека маркетинг-активностите за позиционирање на брендот треба да бидат соодветни за пазарот. Освен тоа, неопходно е и константно тестирање и промена на стратегијата кога ќе се увиди таква можност и, секако, мора да постои голема желба, упорност, посветеност и мотивација, рече Бакев.
Селма Кадиќ-Маглајиќ, искусен академик за маркетинг, со претходно искуство во автомобилската, забавната и во медиумската индустрија, зборуваше за користењето на вештачката интелигенција во процесот на маркетинг и продажба на производите. Таа практично претстави алатки за профилирање на купувачот кои се многу корисни во секојдневната работа за потребите на маркетингот и продажбата.
Според неа, луѓето што работат маркетинг треба да користат алатки што ќе им помогнат во промоцијата и продажбата, затоа што со помош на вештачката интелигенција тие полесно ќе ги презентираат производите на потенцијалните купувачи преку уочување на нивните лични карактеристики што може да се добијат преку податоците на интернет. Постојат многу корисни алатки базирани на вештачка интелигенција што може да помогнат во продажните активности, но сепак човечките ресурси се незаменливи. Човекот е неопходен во процесот, тој треба да знае како да управува со алатките и оптимално да ги користи. За резултатот од вештачката интелигенција одговорен е човекот. За жал, сѐ уште постојат сиви зони во законската регулација на вештачката интелигенција, заклучи Кадиќ-Маглајлиќ.
Следен говорник беше Реј Гаул, експерт за малопродажни трендови, коосновач и извршен директор на „Retail Cities“. Неговата тема беше „Поглед на малопродажбата во 2022 година – инфлација, енергетска ефикасност и натрупување залихи“.
Глобалните синџири на снабдување не се усогласени и големите играчи се движат во спротивна насока. Денешните стравови се инфлација, трупање резерви, недостиг во синџирот на снабдување, недостиг на работници за суштински работни места, зголемени плати за нискоквалификувани работни места, нелојалност кај работодавецот, желба никогаш повеќе да не се враќате во канцеларија, здравје и благосостојба, климатски промени... Најголемо влијание ќе има врз промените во мисиите на купувачите. Оттука, многу е важна флексибилноста на менаџерот на продавницата – за различен дел од денот, за различни денови. Инфлацијата, трупањето резерви и „кошмарите“ од синџирот на снабдување се различни за сите. Одете полека, зборувајте, соработувајте, не предизвикувајте несогласувања. Обидете се да ги избегнете експлозиите бидејќи сите ќе се најдеме во нив, порача Гаул.
Душан Рангелов, директор за развој на бизнис, основач на „Sales & Business Consulting“ во Србија, зборуваше за интегрирана „go to market“ (GTM) стратегија како процес кој може да се воведе во компаниите.
Според него, GTM е процес што ја менува играта. Кога ефективно ќе се изврши, GTM-стратегијата ќе ги усогласи сите засегнати страни и ќе воспостави временска рамка за да се осигури дека секој засегнат ќе ги исполни дефинираните пресвртници и исходи, создавајќи остварлив пат за успех на пазарот. Развојот е клучна потреба на секоја организација, затоа, да не чекаме до минута до 12 за да ги унапредиме процесите! Пазарот и конкуренцијата не спијат, макроекономската состојба се менува од ден на ден, постојано се чувствува влијанието на глобалните текови... Сите тие клучни промени не ни дозволуваат да стагнираме, истакна Рангелов.
Петар Бошкоски, менаџер за комерцијални операции во „Филип Морис“, го претстави нивото на дигитализација во компанијата, како работи сега и начинот на кој е направена. Тој наведе неколку примери („Икеа“, „Најк“, „Амазон“) за дигитална трансформација, кои покажуваат како стремежот кон дигиталното може да ја промени традиционалната организација.
Притоа потенцира оти е мит тврдењето дека дигиталната трансформација единствено се однесува на успешно спроведување нови дигитални технологии. Вистината е дека таа е креирање стратегија и менување на начинот на размислување, многу повеќе отколку имплементација на нова технологија. Дигиталната трансформација овозможува нови функционалности и предности за сите – ги подобрува основите на бизнисот; овозможува Б2Б-поддршка на корисници и ангажирање од далеку; податоците и информациите се достапни во секое време за трговецот и за претставникот на терен; се овозможува собирање податоци и сегментација итн., рече Бошкоски.
Александра Мартиновска-Стојческа, професорка и раководителка на одделот за земјоделска политика на Земјоделскиот факултет во Скопје, ја објасни шемата на одржливите системи за храна и клучната улога што тие ја имаат за постигнување на целите за одржлив развој.
FMCG-секторот може да придонесе кон трансформацијата на системот за храна директно и индиректно. Директно може да влијае со трансформација на примарното земјоделство и заштита на животната средина; поттикнување еднаква распределба на вредноста; промена на начинот на исхрана и минимизирање на загубите и отпадот. Индиректниот придонес е преку транспарентноста од почеток до крај; поддржување на иновациите и технолошкиот развој, како и со воведување нови бизнис-модели и соработки во вредносниот синџир, порача Мартиновска-Стојческа.
Ексклузивен говорник на самитот беше Жан-Жак Ванденхид, футуролог и експерт за трендови во малопродажбата, со претходно долгогодишно искуство како виш аналитичар во „Нилсен“, кој се вклучи од Белгија и зборуваше за влијанието на четвртата индустриска револуција во малопродажбата.
Живееме во свет на фрагментираност. Начинот на размислување на потрошувачот е целосно променет. Малото е новото големо. Мојот совет е да размислувате инкрементално. Мора да размислувате „надвор од кутијата“ како да ги поврзете понудата и побарувачката. Станува збор за креативност, а таа, како што рекол Алберт Ајнштајн, е интелигенција што се забавува, нагласи Ванденхид.
По паузата следуваше видеоинтервју со Драган Стајковиќ, генерален директор на „Бамби“. Тој зборуваше за развојот на компанијата, која на пазарот опстојува повеќе од пет децении, за аквизицијата од страна на „Кока-кола“, за пазарот во поранешна Југославија и за новите инвестиции. Интервјуто, кое го правеше Алма Растодер, може да го прочитате тука.
Борис Вукиќ, партнер и еден од основачите на „Adizes Southeast Europe“ (ASEE), ги постави дилемите и предизвиците низ кои поминуваат семејните бизниси при транзиција. Според него, за успешна транзиција на втората генерација потребно е успешно да се спроведат четири фази на подготовки – на наследниците, на компаниите, на основачите и на семејствата.
Според Вукиќ, реализацијата на овие четири фази е долга и може да биде тешка, што го објасни преку неколку реални и конкретни примери. Притоа, најсуштински е да се сочуваат семејството и компанијата од внатрешните деструктивни проблеми. Тој ја заврши презентацијата со зборовите: Семејниот бизнис е сериозна работа. Основачи, наследници, менаџери – со среќа!
Вукиќ беше и модератор на интересната, искрена и мошне жива онлајн панел-дискусија на оваа тема, во која учествуваа Перица Вечишки, генерален директор на „Атлантик трејд“, Јанинка Чупаркоска, генерална директорка на „Кожувчанка“, и Дејан Ваневски, менаџер за развој на бизнис-стратегии во „Thrivity“, како „глас“ на професионалните менаџери. Тие ги споделија своите ставови на прашањата: дали компанијата може да биде и семејна и професионална, колку втората или третата генерација може да го продолжи семејниот бизнис, дали и кога да се воведе професионален менаџмент...
FMCG-самитот по седми пат ја потврди големината на регионалната сила на InStore. Изборот на говорниците и темите го предизвикаа и го задржаа вниманието на посетителите докрај. Поучен, отвори нови можности, интересен од почеток до крај... се само дел од коментарите и оцените за годинешниот самит.
Се гледаме на следниот, 8. FMCG summit Skopje – следната година, се надеваме во живо!
Дотогаш, останете здрави и безбедни!
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.