Колумни

Колумна во понеделник: Маркетингот во годината пред нас

31 Jan 2022

Пишува: Душица Неделкоска, доктор на економски науки, специјалност маркетинг, маркетинг и ПР-координатор во „Витаминка“

Минатата 2021 година, ќе ја паметиме по брзиот развој на маркетинг-индустријата, дигиталната трансформација и приспособувањето на компаниите и маркетерите на новонастанатата ситуација со пандемијата на ковид-19. Маркетингот се смени, а брендовите се обидуваа со нови тактики да стигнат до оние кои остануваа дома. Веќе не се работи само за создавање содржина што привлекува внимание. За да допрат до луѓето во оваа клима на глобална пандемија, брендовите би било мудро да ги искористат новите маркетинг-трендови кои ветуваат дека ќе им дадат предност пред конкуренцијата. Никој не е сигурен што да очекува во 2022 година, но врз основа на истражувањата во светот, можеме да ги идентификуваме трендовите што ќе бидат актуелни во годината пред нас.

Инфлуенсерски маркетинг

Според истражувањето на HubSpot, ова е дефинитивно првиот најефикасен тренд од минатата година кој во 2022 ќе еволуира во маркетинг-алатка. Маркетинг-професионалците велат дека тој е доста ефикасен и затоа компаниите планираат да ги зголемат своите инвестиции годинава во овој дел. Успехот на инфлуенсерите се должи на тоа што тие се мајстори за платформите што ги користат и темата за која зборуваат, а публиката е свесна за нивниот ангажман и е заинтересирана за содржината и информациите што ги добива. Соработката со инфлуенсерите е дотолку поголема што компанијата ги добива нивните обожаватели како потрошувачи. Несомнено е дека микро-инфлуенсерите на пазарот, како луѓе од секојдневниот живот, во иднина ќе имаат поголема улога во поврзување со публиката и зајакнување на свеста за брендот.

Кратки видеосодржини

Светските статистички податоци за кратките видеа потврдуваат дека тие ќе бидат актуелни и во годината пред нас, бидејќи 55% од луѓето дневно гледаат онлајн-видеа а 84% на светско ниво биле поттикнати да купат нешто откако го гледале видеото за брендот. Брзиот пораст на TikTok, широкото усвојување на Instagram Reels и воведувањето на YouTube Shorts нè натераа да се фокусираме на пораките од 15 секунди. Сепак, се случи суптилна промена на социјалните платформи. TikTok го зголеми лимитот на 180 секунди во должина, Twitter го претстави Spaces, Facebook излезе со Live Audio Rooms и целосно го поддржа поткастирањето. Дури и Amazon го прифати видеото во живо. Очигледно е дека во 2022 година генеричкото таргетирање на потрошувачите нема да биде доволно. Компаниите и маркетерите ќе треба да се свртат повеќе кон луѓето и да станат конкретни. Потребни ќе бидат не само обични фотографии, туку и видеа, а според некои експерти, тоа ќе бидат видеа со подолга содржина за разлика од минатата година. Тој што нема да ги продуцира, ќе заостанува зад другите.

Виртуелни асистенти и вештачка интелигенција

Во 2022 година се очекува компаниите во индустриите како што се малопродажбата, банкарството и здравството, повеќе да се потпираат на виртуелни асистенти и вештачка интелигенција во нивните маркетинг-напори. Додека вештачката интелигенција во маркетинг-активностите се користи најчесто за известување за сообраќајот на веб-страниците и препорачување клучни зборови што можат да ги оптимизираат резултатите од органското пребарување на компанијата, маркетерите, исто така, истражуваат апликации за вештачка интелигенција што можат да го предвидат идното купување на потрошувачите врз основа на нивните минати купувања и историја на прелистување. Според написот на Stefanini Group, пазарната вредност на купувањето преку гласовно пребарување оваа година ќе достигне 40 милијарди долари. Има мноштво придобивки поврзани со виртуелните асистенти или „chatbots“, пред сè, затоа што четботите можат да одговорат на прашања на потрошувачите без интервенција на компанијата, зголемувајќи ја интеракцијата со нив и овозможувајќи им персонализирано искуство.

Мобилен маркетинг

Минатата година беше уште една година на можности и предизвици за мобилниот маркетинг. Многу компании што го анализираа однесувањето на потрошувачите кои повеќе часа дневно поминуваа гледајќи видеа, плаќајќи сметки, посетувајќи социјални мрежи и увидувајќи ја суштинската улога на мобилните апликации во новата реалност, ги адаптираа своите маркетинг-стратегии. Во годината пред нас се очекуваат повеќе дигитални трансформации. И, бидејќи милениумците и генерацијата Z продолжуваат да ја зголемуваат куповната моќ, дигиталните искуства оптимизирани за мобилни уреди ќе се сметаат како вистинска можност за таргетирање на овие генерации со индивидуален маркетинг.

Општествена одговорност

Годинава компаниите приоритет ќе ѝ дадат и на општествената одговорност. Иако многумина велат дека општествената одговорност е неефикасна кога станува збор за ангажман во кампањата, сепак општествената одговорност, етиката и транспарентноста се важни за современиот потрошувач. Интересот за купување производи од општествено одговорни брендови навистина се зголеми за време на пандемијата, кога многумина останаа без работа или работата си ја донесоа во домот. Во вакви услови брендовите што ја покажаа својата грижа за потрошувачите и вработените и имаа чувство на општествена одговорност, беа подобро прифатени. Свеста за заштита на животната средина, еколошки и хуман пристап кон секој сегмент од креирањето на производите и генерално одговорниот пристап кон целиот процес, пораснаа во последните години толку многу што мнозинството од потрошувачите сметаат дека компаниите треба да придонесат за заштита на животната средина. Иако ова може да не продава производи веднаш, сепак, општествено одговорната практика на компанијата внимателно се следи и развива симпатии кај потрошувачот.

Електронска пошта

Ова е една од најстарите форми на дигитален маркетинг. Иако на многумина им се чини дека ерата на овој вид маркетинг е завршена, пристапот и креативните решенија кои нема да ги „малтретираат“ корисниците со добро дизајниран и ефективен маркетинг, може да имаат позитивно влијание врз корисниците на електронската пошта. Во годината пред нас многу компании ќе креираат адекватна стратегија врз основа на одредени спецификации, персонализирајќи ја содржината на е-поштата. Ефективниот маркетинг преку е-пошта ќе им помогне на компаниите да ги претворат своите контакти во купувачи, да ја сегментираат публиката и да ја таргетираат со приспособени и персонализирани пораки.

Искуствен или евент-маркетинг

Би можел да се врати во 2022 година. Овие маркетинг-кампањи ѝ овозможуваат на публиката да влезе во извонредно искуство, кое честопати е на физичкото место или преку AR/VR платформа. Забавните и ефективни кампањи на многу компании кои беа споделувани на социјалните медиуми, наидоа на бариери во 2020 и 2021 година поради пандемијата и затворањето на многу земји, јавни места и бизниси. Сега, кога јавните површини повторно почнуваат да се отвораат, маркетинг-професионалци даваат можност за искуствен маркетинг во годината пред нас.

SEO-оптимизација

За подобро разбирање на потребите, желбите и способностите на купувачот, што е прилично сложена работа, ќе се користи SEO-оптимизација. Оваа година веб-локациите што се технички подобро креирани ќе бидат и подобро рангирани. Компаниите ќе продолжат со обезбедување на долгорочно и краткорочно враќање на сообраќајот. И, иако оптимизацијата не е нова, нејзините стратегии стануваат уште повкоренети во современите маркетинг-стратегии. Затоа и компаниите инвестираат повеќе во експерти за оптимизација кои можат да им помогнат со сè, од извештаи за увид во пребарувањето, до мултимедијална оптимизација.

Тргување или купување преку социјалните мрежи

Дефинитивно ќе стане пресудно во секојдневниот живот. Социјалните мрежи денес се најголемата платформа кога станува збор за онлајн-маркетинг. Истражувањата велат дека половина од онлајн-купувачите своите купувања ги вршат преку социјални мрежи, како Facebook и Instagram, а повеќе од половина од нив се потпираат на социјалните мрежи за да најдат инспирација за купување. Така, сè повеќе купувачи и големи брендови се свртуваат кон социјалните мрежи за да се афирмираат на овој релативно нов пазар.

Што е тоа на што треба да се обрне внимание во кампањите во годината која ќе биде обележана со два клучни тренда – пандемија и дигитализација? Пред сè, треба да се земат предвид променетите навики на потрошувачите, фактот што поради пандемијата уште повеќе се приближија до дигиталните технологии, но и дека ја ценат автентичноста повеќе од кога било. Во годината пред нас, да се фокусираат на градење стратегија за заштита на податоците, која е на прво место кај купувачите. Тоа значи преиспитување на методите за мерење и допирање до публиката, за луѓето да се чувствуваат способни да управуваат со податоците што ги споделуваат. На крај, и покрај сè, ако не им се понуди квалитетен производ на купувачите, опстанокот на производот или брендот на пазарот ќе има краток рок.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...