Маалска продавница

Претставуваме: „Миладинови“

19 Dec 2014
И во овој број InStore продолжи со прошетката по Источна Македонија, во потрага по нови маалски приказни, искрени и топли. Овој пат, нашиот домаќин беше семејната продавница „Миладинови" од Виница, која се наоѓа веднаш до градскиот пазар. Продавницата е лоцирана на главната улица „Маршал Тито", бр. 9, на одлично и фреквентно место, лесно пристапно и со доволно простор за паркирање.
 
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
 
Продавницата „Миладинови" е отворена во март 2013 година, на продажен простор од 17 квадратни метри. Асортиманот го сочинуваат околу 1.000 артикли што ги задоволуваат секојдневните потреби на потрошувачите, како што се: леб, јајца, млеко и млечни производи, а располага и со избор од кондиторски производи, безалкохолни пијалаци, козметика, средства за чистење... Во асортиманот не се вклучени алкохолните производи и цигарите.
 
Од трговските групи во асортиманот не се застапени алкохолните пијалаци, затоа што тие бараат дополнителни инвестиции (поголем простор, ладилници што се заклучуваат), а тука се и низата ограничувања предвидени со закон. Исто така, не држиме и цигари, од безбедносни причини, вели сопственичката Марина Миладинова, на возраст од 31 година.
 
Во изборот на асортиманот, Марина, пред сè, се раководи според барањата на клиентите и понудата на комецијалистите, кои знаат и умеат да ги презентираат и понудат своите производи, без да вршат притисок. При набавка на стоката, тие излегуваат во пресрет, затоа што меѓусебните фер и коректни односи се од интерес за обете страни.
 
Откако претходно неколку години била без работа, Марина во договор со семејството решила да отвори и да води сопствена продавница. Претходно работела во прехранбена продавница, а стекнатото искуство и знаење претставувале одлична основа за развој на „нешто свое".
 
Добро ја познавав работата и ги имав сите потребни предзнаења пред да се одлучам за предизвикот наречен сопствена продавница. Голем дел од производите ми беа познати, а со текот на работата подетално ги научив и нивниот состав и специфичности. Исто така, не ми беше непозната и работата со фискална каса и  со компјутер, раскажува Марина за своите почетоци.
 
Сегашната локација веднаш до градскиот пазар е од особена важност за функционирањето на продавницата „Миладинови". Локацијата е лесно пристапна и особено прометна, а располага и со доволно простор за паркирање.
 
Продавницата има двајца вработени, членови од семејството, кои излегуваат во пресрет на потребите на клиентите и располага со една наплатна каса. Најчести и најлојални купувачи во „Миладинови" се жителите од околината, кои секојдневно купуваат тука. Сепак, локацијата е главниот „виновник" и за други лојални потрошувачи од околните градови (Берово, Делчево), како и од селата, кои поминуваат одовде со автомобили и застануваат за да пазарат. Во тоа се состои и посебноста на оваа маалска продавница, што ја прави некарактеристична, како што ја нарекува сопственичката.
 
Локацијата не би ја менувале за никоја друга! Луѓето веќе нè знаат, а и близината до пазарот за нас е огромна придобивка и предност. Да сме само дваесетина метри подолу, веруваме дека во голема мера прометот ќе се намали, објаснува Марина.
 
Според мислењето на сопственичката, иако поголемите маркети имаат ценовна предност, сепак и малите продавници имаат одредени предности и поголеми можности за непосредна и љубезна релација со купувачите. Исто така, на страната на „малите" е и побрзата услуга: Побрзо ги услужуваме клиентите затоа што веднаш ни се обраќаат нам, а ние точно знаеме каде се позиционирани производите. На тој начин, тие не мора да талкаат меѓу полиците и да ги бараат производите, со што заштедуваат на време.
 
Засега сопственичката е фокусирана на развојот на оваа продавница и не размислува за проширување на бизнисот и отворање на нова, затоа што тој чекор носи дополнителни и поголеми обврски и одговорности.
 

За крај, го привршуваме разговорот за InStore со нашата домаќинка со нејзината порака до останатите колеги што се занимаваат со истиот бизнис: Почетокот е најтежок, но мора да издржите и да продолжите понатаму... Бидете флексибилни, приспособете се кон конкуренцијата и забрзајте ја услугата.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...