Актуелно

Дејан Грегориќ и Кристијан Стојков: Логистиката во време на криза

10 Jun 2020

Затворени граници, временски рестрикции, огромна побарувачка на одредена стока, намалување на работен кадар.... поради превентивните мерки, секторот транспорт и логистика е исправен пред значајни предизвици. Колку е лошо и како понатаму? На оваа тема InStore разговараше со Дејан Грегориќ, менаџер на логистика во „Орбико Македонија“ и Кристијан Стојков, бренд-менаџер во „Колид С Тим“. 

Подготви: Сунчица Стојановска-Зоксимовска, sunchica@instore.mk

Дејан Грегориќ, менаџер на логистика во „Орбико Македонија“

Целата ситуација со пандемијата не одмина никого, од најмалите трговци до големите корпорации. И „Орбико Македонија“, како една од поголемите компании во делот на увоз и дистрибуција на стока за широка потрошувачка, не беше поштедена. На пазарот нагло се зголеми побарувачката на сите  прехранбени производи, средства за основна хигиена, заштитни средства и слично, а останатите се сведоа на своевиден луксуз.

„Орбико Македонија“ располага со широк асортиман на производи, почнувајќи од огромна палета прехранбени производи и средства за хигиена до козметика, моторни масла и адитиви на брендот Shell, кои во случајов се најпогодени. Дел од парфимериите Анабела и MAC како составен дел на „Орбико“ и многу други мали трговски објекти во делот на козметика и козметички услуги се затворени поради мерките за заштита. Со тоа, освен прометот, се намали и волуменот на дистрибуцијата. И увозот на одредена стока е отежнат поради тоа што со истите проблеми се соочуваат и производителите.

Во оваа ситуација дојде до огромен дисбаланс помеѓу помалите трговски објекти и големите трговски центри. Помалите објекти беа принудени да затворат или да работат со намален интензитет. Се воведоа мерки за ограничено време на движење, се намали работното време, со што се ограничи и потребното време за достава на стока. Рестрикциите придонесоа да се направат одредени отстапки со цел да се задржи навремената достава, а истовремено да се внимава на зголемувањето на трошоците кои, покрај оптимизирањето на процесите, се најважната работа во логистиката. Во одреден дел мораше да се зголеми бројот на  возила за испорака со цел да се задржи договореното време и да се опслужат непречено сите клиенти.

Носењето одлуки за намалување на работното време и нивна многу честа промена најмногу влијае врз организацијата на дистрибутивните активности.

„Орбико Македонија“, како одговорна компанија, спроведе низа промени во сите сегменти. На прво место е здравјето на нашите вработени и обезбедување високо ниво на хигиена и мерки за претпазливост. Почнавме со онлајн-продажба за одредена категорија на производи. Во секој аспект го задржуваме моралот на нашите вработени, пред сè, дистрибутери, магационери и сите други вработени во секторот логистика. За нас, тие се нашите херои. Во непредвидливоста околу пандемијата, бескомпромисно ги извршуваат своите задачи, за што сум им и лично благодарен. „Орбико Македонија“ поддржана од „Орбико Група“ ја покажува својата благодарност кон нив низ финансиски и други слични бенефити.

Целата ситуација ни покажа дека треба да бидеме подготвени повторно да се соочиме со слични предизвици. Можни решенија за во иднина се:

-Дигитализација: онлајн-продажбата ни покажа соодветна солуција во трговијата во поглед на минимизирање на ризиците од вирусот. Сметам дека потрошувачите сè повеќе ќе ги користат ваквите услуги, а компаниите ќе се адаптираат на нивните потреби. Досегашните процедури што вклучуваа потреба од хартиени документи ќе се заменат со електронски, деловните состаноци сè повеќе ќе се одржуваат преку платформи за комуникација, а дел од вработените ќе можат своите работни задачи да ги извршат од дома.

-Партнерство и планирање: oд големо значење ќе биде зголемената соработка меѓу компаниите и институциите за транспортот и дистрибуцијата. Ќе мора да постојат во секое време алтернативи во случај на недостиг на човечки фактор, складирање и превозни средства во смисла на брзи и ефикасни мерки за непречено функционирање; уште подетално да се планираат сите процеси околу дистрибуцијата и да се откријат критичните точки со цел да се намали ризикот. Од особена важност ќе биде алката помеѓу производителите и дистрибутерите за обезбедување на потребните резерви, а со тоа и достапност на стоката што ја бара пазарот. Ние како дел од групацијата „Орбико“  ја користиме синергијата од повеќе земји за  размена на информации, искуства со справување со различни проблеми, поддршка, стабилност и сигурност.

-Човечки фактор: и покрај очигледниот напредок на дигитализацијата, човечкиот фактор уште долго ќе остане движечка сила. Мора постојано да се инвестира во безбедноста и развојот на работникот од аспект на неговото физичко и ментално здравје. „Орбико“ секогаш се стреми да ги има вистинските луѓе на вистинско место, вложувајќи секојдневно во едукации и вештини потребни за справување со секојдневните обврски.

Кристијан Стојков, бренд-менаџер, „Колид С Тим“

„Колид С Тим“ е присутна во повеќе сектори, од кои доминантни се увоз и дистрибуција на производи за широка потрошувачка и производство на слаткарски производи. И во двата сектора компликациите што ги предизвика пандемијата со вирусот беа доста изразени. Во секторот дистрибуција, прв и основен проблем беше проблемот при набавка на стока од странство, особено од земјите што беа повеќе погодени од пандемијата, како Италија и Шпанија. Втор проблем беше доставата на стока до нашите купувачи, меѓу другото, поради скратеното работно време на маркетите, а и поради намалениот број на вработени во компанијата поради препораката на Владата за ослободување од работа на одредени категории вработени. Трет и многу важен проблем беше намалената потрошувачка на некои категории артикли, особено на производите што не се основни животни намирници и на луксузните производи. Со истите проблеми се соочуваше целиот сектор и често бевме во комуникација со колегите од другите компании барајќи решение за новонастанатата ситуација.

Благодарение на нашиот разновиден асортиман на производи во повеќе различни категории, успеавме да го балансираме првиот удар на кризата и да го одржиме прометот. Категориите кај кои имаме драматичен раст на прометот се тестенини, брашно, масло за јадење, млечни намази, сувомесни производи и слично, но истовремено имаме голем пад на категоријата бонбониери и чоколади. Од друга страна, имаме огромен пад на профитабилноста. Причините за тоа се што на одредени категории производи имаме замрзнати цени на полицa, а од друга страна зголемување на набавните цени на одредени производи и зголемени транспортни трошоци.

Во секторот производство на слаткарски производи, исто така, имаме многу комплексна ситуација. Бидејќи нашето производство е наменето главно за извоз, имавме големи проблеми во доставата на производите до странските пазари и зголемени транспортни трошоци. Од аспект на потрошувачката, забележуваме зголемена потрошувачка на нашите производи на европските пазари, но истовремено и намалена потрошувачка на балканските пазари, кои за нас се многу важни, а и на македонскиот пазар. Од аспект на оваа досега двомесечна криза, и овде имаме раст на производството и продажбата. За вториот квартал веќе сме покриени со нарачки, но останува истата констатација дека сме на почеток на економската криза и очекуваме проблемите кај нас да дојдат подоцна, во третиот квартал од годината. Ова мислење го базираме на фактот што веројатно ќе биде отежнато враќањето на иселениците во екс-југословенските земји, имајќи предвид дека во периодот од јули до август тие се носители на прометот во овие земји.

Од аспект на тоа колку директно нè погоди кризата, мислам дека е рано да коментираме бидејќи, според наше мислење, иако можеби здравствената криза е под контрола, економската криза е на самиот почеток.

Не беше едноставно да се приспособиме на ситуацијата. Логистичкиот проблем го решававме со бродски транспорт, кој беше многу поскап, а од друга страна и побавен. Исто така, дел од колегите што не беа спречени да доаѓаат на работа го понесоа најголемиот товар со дополнително работно време.

Тешко е да се предвидат идните предизвици и ризици, но секако - еден од главните предизвици ќе биде најавата за влез на голем светски синџир кој ќе ја промени малопродажната слика во Македонија, како и брзиот раст на хард-дисконтите. На мислење сум дека ќе дојде до селекција во дистрибуцијата. Очекувано е на среден период малите и средните дистрибутери да западнат во проблеми, а од друга страна имаме тренд на раст на големите дистрибутери, кои имаат поголем потенцијал да се спротивстават на очекуваните трендови. Неизбежна ќе биде автоматизацијата и зголеменото користење на технологијата. Тоа се едни од начините како дистрибутерот да ја задржи конкурентноста.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...