Континуитет во ефикасното работење
Вкупната површина на новиот дистрибутивен центар изнесува 8.232 м2 и во него се воведени највисоки безбедносни стандарди во согласност со европските нормативи.
Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk
Дистрибутивната компанија „Кола“, која на македонскиот пазар успешно работи од 1992 година, официјално ја заврши изградбата на новиот дистрибутивен центар. Од овој центар компанијата ќе продолжи да ги дистрибуира брендовите на: „Унилевер“, „Нектар“, „Лаваца“, „Фруктал“, „Хенкел“, „Бамби“, „Карнекс“, „Хеба“, „Енерџајзер“,„Адриа СН“, брендовите Gurmano, Banini, Wilkinson, Baduco, Bungee, Dr.Schär, Ital Food и други. За деталите околу инвестицијата, како и за потребата за изградба, избор на локација и идните планови на компанијата, позборувавме со Дино Шкријељ, директор за логистика. Тој откри: „Кола“ бележи постојан пораст, ширење на асортиманот, што ја наметна потребата за зголемување на ефикасноста во дистрибуција, како и за подобрување на услугата на клиентите.
Вкупната површина на новиот дистрибутивен центар изнесува 8.232 м2, односно приземје од 3.957 м2, подрум (3.883 м2) и галерија (392 м2). За поефективно и поефикасно работење во новиот дистрибутивен центар, направена е надградба на веќе постојниот софтвер за магацинско работење и воведени се највисоки безбедносни стандарди во согласност со европските нормативи: спринклер систем, посебна просторија за биоцидни производи и посебна просторија за запаливи материјали. Според Дино, тоа е дистинктивната придобивка на новиот дистрибутивен центар во споредба на постојните.
Дополнително, Дино објасни дека објектот е дизајниран така што комплетно се одвоени хемиските од прехранбените производи, а сепак е внимавано тие да се поврзани со административниот и логистичкиот дел со посебна сообраќајница.
Посебно внимание е обрнато во делот на стандардите ISO и HACCAP. Просторот наменет за оброци и пауза е дизајниран на начин што вработените пред и по оброкот мора да поминат низ посебен санитарен јазол за да се внимава на процедурата за одржување на хигиената, особено за тие што работат со прехранбени производи и покрај тоа што производите се спакувани во фабрички пакувања, додава тој.
Направено е посебно одделение за копакување од над 200 м², кое треба да одговори на барањата на пазарот во делот на креирање посебни сетови, правење наменски акции итн. Ова одделение е поврзано со складишниот дел преку товарен лифт кој овозможува спакуваните производи брзо да се најдат во делот за комисионирање, а во него работат 14 вработени.
Дино додава дека брендот Lavazza бележи константен пораст и е изграден посебен складишен дел наменет како поддршка, што ќе овозможи брза логистичка и сервисна услуга на клиентите.
За да се канализира процесот на прием и испорака на стока, со 12 високо професионални рампи од шведскиот бренд ASSA ABLOY е одделен делот за прием од делот за испорака на стока. Ова придонесува за минимизирање на грешките во складирањето и комисионирањето и ја забрзува логистиката, објасни тој.
Направена е посебна просторија за полнење на виљушкарите, а при набавката на виљушкарите, освен практичноста и квалитетот, почитувани се и еколошките стандарди.
Постои и посебен дел за архива која има капацитет за складирање документи од последните 15 години. Таа е приклучена на постојниот софтвер за магацинско работење.
Дино додава дека во вкупната инвестиција од 3,3 милиони евра, вклучени се и: посебен регален систем за чување на палети Drive IN, целосно опремен магацин со опрема (регални виљушкари, специјални виљушкари за товар и истовар, машина за пресување на фолија и хартија, целосно опремени канцеларии, софистициран видеонадзор, систем за контрола на пристап, архива, нови рачни компјутери итн.
Во новиот дистрибутивен центар се реализирани 20 нови вработувања, така што вкупната бројка на вработени во „Кола“ сега изнесува 261. Секако, со идните планови за развој на компанијата ќе се зголемува и бројот на вработени, истакна Дино.
Во поглед на идните планови, Дино додава дека ќе се работи на завршување на Front Line Sales Managment, имплементација на Transport Management System и на надградба на BI софтверот, а се планира и обнова на возниот парк во 2019 година како одвоена инвестиција од дистрибутивниот центар.
„Кола“ во бројки
Инвеститор: „Кола“
Инвестиција: Дистрибутивен центар
Површина на објектот: 8.232 м2
Вредност на инвестицијата: 3,3 милиони евра
Нови вработувања: 20
Вкупен број на вработени: 261
Сектори/дивизии: HPC, „Хенкел“, храна, пијалаци и хорека
Вкупно клиенти/брендови:17
Реализирани приходи во 2018 година: 30.000.000 ЕУР
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.