Актуелно

Мислења и коментари: Потрошувачката на пиво падна, акцизата порасна

08 Nov 2018

ИНСТИТУЦИОНАЛЕН СТАВ

Билјана Пеева - Ѓуриќ, в.д. извршен директор на Стопанска комора на Македонија

Нашите барања се темелат на реални факти од состојбите во индустријата за пиво во Македонија наспроти трендовите во Европа и пошироко, и тоа:

  • Трендот на постепено зголемување на потрошувачката на пиво во Европа е меѓу 1% и 2% годишно. Во Македонија минатата деценија потрошувачката се намали од над 33 литри по жител во 2008 на околу 28 литри по жител во 2017 и 2018 год.
  • Македонија има најмала потрошувачка на пиво по жител во цела Европа и пошироко.
  • Во 2008 година вкупната потрошувачка на пиво во земјава надминала 680.000 хектолитри. Најоптимистичките процени се дека годинава вкупната потрошувачка на пиво во земјата нема да надмине 570.000 хектолитри. 
  • Со воведувањето на лиценците за продажба на алкохол од 2008, над 5.500 помали трговски објекти во земјата од околу 13.000 кои пред 2008 година продавале вакви производи се откажале од продажба на алкохол, со што драстично се намали вкупниот промет во трговијата на мало.
  • За продолжување на лиценцата, трговецот е должен да плати надомест од 5.000 денари за секој продажен објект ако има до три продажни објекти и 15.000 денари за секој што има повеќе од три, како и 0,05% од вкупниот промет остварен во претходната година. За да може да се добие продолжување на лиценцата, потребно е да се платат 0,05% од вкупниот промет што се остварува на ниво на деловниот субјект, а јасно е дека од продажбата на алкохолни пијалаци се остварува само дел од вкупниот промет, кој во најголем дел се остварува од продажбата на останатиот асортиман на производи. 
  • Покрај најниската потрошувачка на пиво по жител, Македонија има повисока стапка на акциза на пивото во споредба со голем број земји-членки на ЕУ кои имаат неколкукратно поголема потрошувачка на пиво од нас. 
  • Македонија има многу повисока акциза за пиво во однос на пропишаниот минимален праг на акциза за земјите-членки на ЕУ, кој изнесува 1,87 EUR/HL по алкохолен степен. Акцизата во Македонија е 6,5 EUR/HL за еден степен алкохолен.
  • Ако не се воведеа законските ограничувања во продажбата на алкохол и не се зголемеше акцизата на пивото, домашниот пазар на пиво би ја задржал стапката на раст на потрошувачка помеѓу 1,5% и 1,8% годишно. Тоа само од 2009 до 2014 на државата ќе ѝ донесеше од 23 до 30 милиони евра дополнителен прилив на име акциза и ДДВ од продажбата на пиво.  

Намалувањето на акцизата на пивото ќе донесе повеќекратни придобивки: 1. зголемени даночни приходи - со пониска акциза, пивото ќе стане ценовно подостапно и ќе се зголеми потрошувачката. Тоа ќе предизвика и зголемување на приходите од акциза од околу 2,5 милиона евра во однос на сегашното ниво. Доколку кон ова се додадат и приходите од ДДВ поради зголемената потрошувачка на пиво, тогаш вкупните даночни  приходи само по овие основи од домашните пиварници ќе надминат 30 милиони евра годишно. 2. Од социо-економски аспект, пивската индустрија е значајна за  обезбедување работа за повеќе илјади добавувачи, од кои само за 2016 година во Македонија годишно се набавуваат стоки и услуги за околу 50 милиони евра. 3. Секое работно место во оваа индустрија придонесува за стабилност на дополнителни 4 работни места во земјата - компаниите од пивската дејност соработуваат со повеќе од 20.000 бизнис-ентитети, со што се генерира додадена вредност од над 60 милиони евра годишно во економијата.

РАМКА: Со пониска акциза, пивото ќе стане ценовно подостапно и ќе се зголеми потрошувачката. Тоа ќе предизвика и зголемување на приходите од акциза од околу 2,5 милиона евра во однос на сегашното ниво.

 

СТАВ ОД СЕКТОРОТ:

Пане Темов, сопственик на крафт пиварницата „Темов“

Кога условите за производителите би биле пореални, да можеме како крафт производител да постигнеме пониска цена за потрошувачот, секако би се зголемила и потрошувачката. Тука е и моментот на пивската култура. Не сакам да потценувам никого, но едноставно треба да се отворат погледите и да се сфати дека трендот во светот кон крафт пивото е со причина. Крафт пивото постоело со векови пред индустриското производство, што не значи дека не е квалитетно. И како и секој тренд, и не само во производството на пиво, туку воопшто во консумацијата на храна и пијалаци, се враќаме кон природното.

Барањето на Стопанската комора е солиден гест и би било одлично ако помине. Секако, оваа цена да е кон големите производители, додека кон малите производители да е 50 отсто, како и досега од зададената вредност на степен алкохол. Оние поситни крафт производители што не преминуваат 5.000 литри годишно дури треба и да се ослободени од оваа ставка. Мора да се овозможи да се користат протокомери со реални цени и нивната набавка и заверка да се целосно транспарентни. Бидејќи сите суровини се од увозно потекло, а кај нас нема производство, може да се намалат царинската и даночната стапка на суровини, или да се овозможи субвенционирано и контролирано производство на суровини и нивна обработка во државата. Потоа, нема производител на шишиња, буриња итн., сè доаѓа од увоз. Можности, идеи и потреби секогаш има, но за да се усогласат, потребна е заемна комуникација и меѓу самите производители и меѓу државата и производителите.  

РАМКА: Доколку се намали акцизата, би дошло до можност да се понуди убава цена за крафт производ, што би ги зголемило потрошувачката на овој производ и потребата за зголемено производство

ЕКСПЕРТСКИ СТАВ

М-р Павле Гацов, даночен експерт

Акцизата на пивото е фискална давачка што ги товари производителите и увозниците на пиво. Таа учествува во формирањето на малопродажната цена на пивото што ја плаќаат граѓаните. Акцизата на увозот на пиво ја намалува конкурентноста на пивото увезено од странство, односно истото го поскапува на домашниот пазар. Тоа им оди во прилог на домашните производители. Барањето за намалување на акцизата за 25 отсто ќе им донесе извесно финансиско олеснување на домашните производители, но истовремено ќе го поевтини и увозот на пиво.

Предлози за намалување на фискалните давачки постојано се испорачуваат до македонските фискални власти. Дали се работи за приоритет е работа на процена на фискалните авторитети. Намалувањето на цената на пивото за еден денар, односно за износот на бараното намалување на акцизата, веројатно ќе се префрли во компаниски профит наместо цената на овој производ да поевтини за корисниците. Тоа нема да влијае врз зголемувањето на продажбата. Оваа индустрија треба да бара други опции за подобрување на пазарните позиции, пред сè, преку збогатување на понудата на различни видови пиво. Намалувањето, односно укинувањето на лиценцата за објектите што продаваат алкохол ќе има позитивно влијание врз продавачите на алкохол, што може да се сподели со производителите (со намалување на нивната маржа, на пример).

Сметам дека актуелната висина на акцизата на алкохолните пијалаци е добро одмерена и дека не треба да се менува. Но, лиценцата за продажба на алкохолни пијалаци е превисока и нејзината висина треба да се ревидира. Посебен проблем е фиксниот износ на оваа лиценца, која ги фаворизира големите трговци.

РАМКА: Актуелната висина на акцизата на алкохолните пијалаци е добро одмерена и не треба да се менува, имајќи ги предвид интересите на компаниите од реалниот сектор и фискалните потреби на државата

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...