Актуелно

InStore: Истите актери, нов филм

12 Aug 2013

Воведничар: Тимот на InStore

Темата што не е нова, туку веќе извесно време се врти низ главите на официјалните и моќните претприемачи во регионот, од неодамна е повторно во етер. Да се уредат односите меѓу земјите од поранешна Југославија, плус уште некој сосед, така што ќе се создаде една мини-заедница, внатре во големото, среќно европско семејство, што ќе има свои „правила на однесување“.

Најновиот застапник на таа идеја е Ивица Тодориќ, сопственик на „Агрокор“, според чиешто мислење земјите од регионот треба повеќе да соработуваат и да направат свој „Бенелукс“. Во таа заедница, освен земјите од поранешна Југославија, тој ги гледа и Полска, Украина, Романија, но и Италија и Австрија.

Да потсетиме, и порано имаше такви идеи, а ќе наспомнеме некои од нив. Своевремено и премиерот на Србија, Ивица Дачиќ, заговараше слична теза, според која на Балканот би требало да се направи „Балкански совет“. Според неговото мислење, балканските земји не мораат меѓусебно да се сакаат, но треба да соработуваат, бидејќи тоа е нивен заеднички интерес. Советот ќе дејствува за доброто на сите членки и тоа не би била нова Југославија, истакнуваше тој.

Ваквиот став главно наиде на одобрување од јавноста. Земјите од Западниот Балкан, особено Србија, Хрватска, БиХ и Црна Гора, според мислењата на аналитичарите од тие држави, треба да го прифатат „нордискиот модел“ на соработка на интерпарламентарно ниво. Наспроти тоа, иако во македонските медиуми се објавија и позитивни рамислувања на оваа тема, сепак за македонските политичари и експерти, ваквата иницијатива е тешко остварлива затоа што е потребно да се решат статусните прашања во регионот, почнувајќи од границите, бидејќи учеството на една држава повлекува неучество на некоја друга. Некои од нив сметаат дека Македонија треба да ги реализира единствено интеграциите во Европската унија и НАТО, кон што, во моментов како држава е единствено насочена. Македонските бизнисмени сметаат дека ваквиот модел позитивно ќе влијае на македонското стопанство, сепак како пречка повторно се појавуваат неразрешените државни граници. И според стариот обичај и во стилот на „се тресеше гората, се роди глушец“, идејата е ставена во втор план, за да дочека некои посреќни времиња.

И тогаш... идејата повторно ја активираше еден од водечките луѓе од српската стопанска сцена – Миодраг Костиќ, сега малку модификувана. Имено, според него, нужно е здружувањето на компаниите од регионот. Во таа светлина е претставена сликата за заедничка компанија во која би биле „Агрокор“, групата МК, „Атлантик Група“, „Нектар“ и „Подравка“, а компанијата доби и свое име – АМАНП.

Едно е сигурно во поглед на најновите случувања на трговската сцена на Балканот: капиталот не знае за граници, уште повеќе, постојано одново ги урива. Секоја од нашите држави е премногу мал пазар за мултинационалните компании. Ним ние им доаѓаме како „колатерална штета“. И колку побргу го сфатиме тоа, толку подобро ќе биде за сите. Затоа што наскоро ќе дојдат времиња кога во светот ќе се бројат компаниите, а не државите.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...