Актуелно

Јелица Ивановска: Принципот на Волшебникот од Оз

16 Apr 2018

Гостин-воведничар: Јелица Ивановска, консултант за организациски развој

„Волшебникот од Оз" е приказна која на сите ни е добро позната. Кога и да го спомнеме името, си споменуваме за Дороти со нејзините сребрени чевлички, Страшилото, лимениот Дрвосечач и Лавот. Необична група која се спојува заради иста цел – да стигне во Смарагдниот Град кај Големиот Волшебник од Оз, кој на секој од нив ќе му помогне да се реализира себеси исполнувајќи му ги желбите. На крајот од приказната сите воодушевено воздивнуваме кога ќе сфатиме дека секој член на овој невообичаен тим ја реализира својата цел само затоа што успева да ја искористи својата лична моќ и да преземе индивидуална одговорност.
 
Кога размислував околу темата за годинешниот FMCG-самит, бев сигурна дека приказната „Волшебникот од Оз" на прв поглед ќе изгледа премногу мека за сите гости на самитот.  Знаете, јас веќе години наназад работам со компании што имаат развиени сектори за продажба во кои работат прекрасни професионалци. Тие во најголема мера се навикнати резултатите од своето работење да ги гледаат, коментираат и да ги подобруваат преку бројки. Да, зборуваат тие и за важноста на луѓето, компаниската култура, одговорноста, развојот на луѓе, но години наназад омилените зборови на моите соговорници се реализација, промет, залихи, време на испорака, дистрибуција, трошоци... профит. И некако соработката со мене ги научи дека тоа се и моите омилени зборови. Само начинот на кој стигнуваме до нив е различен.
 
Мојот личен став, поткрепен со години искуство, е дека до брилијантност во работењето се стигнува преку промена на културата на однесување во која сите се обидуваме да одглумиме жртви на околностите како изговор за неостварените резултати. Лош шеф, ограничени буџети, неспособни тимови, нестабилни услови за работа во земјата, лоша економска политика... би можеле така до бескрај. Принципот на Оз нè учи како да престанеме да бидеме жртви и како да преземеме одговорност за резултатите што треба да ги оствариме. Принципот на Оз нè учи како да постигнеме индивидуална и компаниска извонредност. Тој нè учи и како да ја смениме својата и компаниската професионална култура за да бидеме најдобри во тоа што го работиме. 
 
Ете тоа е мојата тема за годинешниот самит. И не, воопшто не е мека и облачеста како што можеби си ги замислувате човечките ресурси. Прекрасна е. Релевантна за секој бизнис. Ќе видите и сами на годинешниот FMCG-самит што ќе се одржи на 17 мај. 
 
Моќта да си одиш дома цело време беше кај тебе драга моја, само требаше самата да го научиш тоа, Глинда од „Волшебникот од Оз".


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...