Банкарскиот сектор ја зголеми својата отпорност, што може да се види од повеќе показатели. Адекватноста на капиталот е значително зголемена на 19%, што е највисоко ниво во изминатите две децении. Ликвидноста на банките е на високо ниво.
Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk
Банките можат да им помогнат на компаниите да ги подобрат своите можности за инвестирање преку понуда на специјализирани кредити кои се дизајнирани да ги поддржат новите проекти. Тоа може да вклучува кредити за истражување и развој (R&D), иновации, зелена енергија или за нови производни капацитети. Овие кредити можат да имаат поповолни каматни стапки, поголем рок на отплата и пофлексибилни услови за враќање, што им помага на компаниите да ги финансираат своите нови проекти.
Според Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка на Северна Македонија, и покрај шоковите од невидени размери, банкарскиот сектор во државава ја зголеми својата отпорност, што може да се види од повеќе показатели. Адекватноста на капиталот е значително зголемена на 19%, што е највисоко ниво во изминатите две децении. Ликвидноста на банките е на високо ниво. Квалитетот на кредитното портфолио е подобрен во споредба со претпандемскиот период со учество на нефункционалните во вкупните кредити од околу 3%.
Од друга страна, Агрон Мустафи, член на Управниот одбор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, истакнува дека банките треба да се приближат многу повеќе до компаниите преку зголемување на бројот на банкарски советници кои активно ќе работат на терен.
Недостигот на стручен кадар што директно ќе ги следи бизнисите и нивните потреби е значаен проблем. Исто така, нивото на одлучување треба да се спушти до експозитурите, каде што вработените се поблиски до реалната состојба на компаниите и нивните потреби. Само на овој начин ќе се создадат соодветни и приспособени понуди, вклучувајќи специјализирани кредити за нови проекти, објасни Мустафи.
Банките треба да нудат решенија кои ќе обезбедат пораст на компаниите преку брзо и ефикасно одобрување на кредити сразмерно на нивните реални потреби.
Каматни стапки
Каматните стапки и кредитните услови играат клучна улога во одлуките за инвестиции на компаниите. Високите каматни стапки претставуваат значителна пречка бидејќи ги зголемуваат трошоците за финансирање и ги намалуваат добивките од нив. Кога каматните стапки се високи, компаниите може да го одложат или откажат инвестирањето во нови технологии или експанзија бидејќи немаат доволно финансиски средства за покривање на поголемите трошоци за долгови.
Според статистичките податоци од Народна банка на Северна Македонија, во октомври просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор изнесува 5,09% и е намалена за 0,06 п.п. на месечно ниво. Анализирано по валута, промената се должи на намалувањето кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,15 п.п.), каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,10 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,03 п.п.). Споредено на годишно ниво, каматната стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор е намалена за 0,28 п.п.
За тоа како каматните стапки и условите за кредити влијаат врз порастот на компаниите, Мустафи објасни дека квалитетот на поддршката и експедитивноста многу често се поважни од висината на каматните стапки.
Компаниите бараат соодветна услуга која ќе им биде достапна навремено. Затоа, банкарите треба да нудат решенија кои ќе обезбедат пораст на компаниите преку брзо и ефикасно одобрување на кредити сразмерно на нивните реални потреби. Кредите стануваат „скапи“ во моментот кога се прави грешка во намената, видот на кредит и рокот на отплата, додава тој.
Предизвици и предности на финансирањето преку банки
Има повеќе предности на финансирањето преку банки: Поголем пристап до капитал, пофлексибилни услови, особено за големите компании, поддршка за пораст и иновации. Секако, присутни се и ризиците, на пример, високите и променливи каматни стапки, построги услови за кредитирање, особено за малите компании од кои се бара обезбедување на гаранции и сл. Мустафи смета дека ризиците најчесто произлегуваат од недоволната соработка меѓу банките и бизнис-секторот, како и од недостиг или слаб финансиски кадар на компаниите. Обучен банкарски кадар, кој ќе го разбере бизнисот на клиентот, може значително да го намали овој ризик, додава тој.
Мустафи истакнува дека може да работат на тоа да се подобри пристапот на компаниите до финансиски средства преку соработка со финансиски консултанти-посредници, како што е практика во развиените земји.
Овие институции би биле прв филтер, кој ќе овозможи продавање вистински финансиски производи на клиентите. Дополнително, овие посредници би биле филтрирани или оценувани од банките според квалитетот на портфолиото кое би го донесувале, мерка која ќе додаде поголема одговорност и квалитет на продажбата, истакнува Мустафи.
Зелените кредити сè почесто во портфолијата на банките
Тоа што е забележливо на македонскиот пазар е порастот на зелените кредити во портфолијата на банките. Станува збор за заеми наменети за проекти што поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели што придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што се инвестициите во нова еколошка технологија.
Според податоците на Народната банка, на крајот од септември 2024 година порастот на зелените кредити во споредба со истиот период лани изнесува 1,4 милијарди денари, или 7,4%. Во споредба со крајот на 2019 година, кога почна прибирањето и објавувањето на овие податоци, зелените кредити се зголемени за 2,8 пати. На крајот од третото тримесечје од 2024 година состојбата на зелените кредити во билансите на банките изнесува 20.350 милиони денари. За споредба, на крајот од 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Заклучно со третото тримесечје од 2024 година, состојбата на кредитите одобрени на компаниите изнесува 19.355 милион денари.
За да го подобрат пристапот на компаниите до финансиски средства, банките може да обезбедат соработка со финансиски консултанти-посредници, како што е практика во развиените земји. Тие би биле прв филтер, кој ќе овозможи продавање вистински финансиски производи на клиентите.
Актуелно во секторот – унгарскиот кредит
Изминатиов период огромно внимание предизвика т.н. унгарски кредит со договорена каматна стапка од 1,95% за компаниите. Одлуката е помината на владина седница и според изјавата на премиерот Христијан Мицкоски на почетокот од декември, Министерството за финансии е овластено да ги префрли парите на Развојната банка на РСМ. Тогаш и официјално ќе почне финансирањето, а компаниите може да аплицираат за средства до 10 милиони евра. Во условите за компаниите е наведено дека треба да имаат најмалку 20% сопствено учество, а може да аплицираат за набавка, монтажа на основни средства за работа, софтвери, производствени капацитети од обновлива енергија, инвестиции во административен или магацински простор, производствен погон и сл. Според Мицкоски, се очекува најмалку 300 милиони евра инвестициски циклус.
Секако, банките во овој процес играат клучна улога во спроведувањето на кредитот. Компаниите се жалат на сложените процедури и недостиг на практична поддршка.
Токму затоа, банките би можеле да помогнат многу повеќе – не само како администратори туку и како советници кои ќе им помогнат на фирмите да ги разберат сите детали и да ги искористат средствата на најдобар можен начин.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.