Чашата е или полупразна или полуполна, зависи од тоа дали сте песимист или оптимист. Дали го гледате празното или полното. Но, за економистите, без разлика дали се оптимисти или песимисти, важно е и кој ја полни и празни таа чаша.
Кусиов вовед за оваа дополнета стара дефиниција за тоа кој весело, а кој тажно гледа на реалноста, е за најжешката тема во моментов во економијата, а тоа е ребалансот на буџетот за 2024 година. Новата влада e остро нападната од опозициската СДСМ, која како власт до јуни 2024 година го имаше скроено, подготвено, основниот Буџет за 2024.
Основните параметри кои се со ребалансот се дека порастот на БДП наместо 3,4%, ќе биде само 2,1%, буџетскиот дефицит од 545 милиони евра ќе се зголеми на над 720 милиони, а јавниот долг од планираните 62,1% ќе порасне на досега невидени 68,2% од БДП. Дополнително, страстите ги зовре идеолошката борба на СДСМ, која сака да се дефинира како левица, и победничката ВМРО-ДПМНЕ, која за себе сака да каже дека е патриотска десница и чувар на националната гордост. Таа се води околу најавата дека со директен меѓувладин договор со унгарската влада на Виктор Орбан, Македонија ќе се задолжи со 500 милиони евра.
Опозицијата сака преку овој заем да ја обвини власта дека не е за ЕУ, дека ќе биде во должничко ропство на Унгарија, каде што во азил е поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Сакаат да ја обвинат власта дека овие пари немаат економска логика, иако се земени со камата од 3,25%, со тригодишен грејс-период и рок на враќање од 15 години. Во реалноста, ова не се лоши услови, но спорно е дали треба во овој момент да се потрошат за финансирање на општински проекти, и тоа 250 милиони евра, и уште толку за кредитирање на фирмите кои сакаат да го прошират производството.
Во овој момент единствено важно за економијата е да се има реална слика за неа, со реални бројки, да се стегне ременот и да се напушти популизмот.
Во време кога владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ и ДУИ оставиле пустош во Буџетот, прашање е дали треба да се проширува јавниот долг и да се инсистира по секоја цена на реализација на предизборните ветувања. Во овие ветувања, освен по 250 милиони евра за општините и за фирмите, секако е и линеарното зголемување на пензиите за 2.500 денари оваа година, што значи двојно повеќе пари од предвидените во буџетот за редовното и законско усогласување на пензиите.
При ребалансот особено требаше да се внимава и на зголемувањето на расходната страна. Ако е точно, а засега не се гледа зошто да не е така, дека претходната влада во буџетот не предвидела пари за дузина преземени обврски кои со закон морала да ги предвиди за плаќање и затоа, меѓу другото, се зголемиле дефицитот и расходната страна. Доаѓаме можеби до клучниот проблем со ребалансот и со буџетот на државава, а тоа е реалната оцена кога да се почне со драстично кратење на расходите.
Веројатно ниту една влада, а особено не популистичка како оваа на ВМРО-ДПМНЕ, не сака да почне владеење со рестриктивни мерки и оставање за подоцна за реализација на предизборните ветувања. Сепак, веројатно нареднава година и половина е клучниот период кога можат да спроведат фискална консолидација и за преземените драконски мерки да се повикаат на владеењето на претходната влада.
Значи, стегањето на ременот до кој наскоро мора да се дојде треба да се направи токму во периодот кога на дел од јавноста, пред сè, нам на новинарите сè уште ни е во сеќавање ароганцијата на претходниот министер за финансии Фатмир Бесими, кој на еден брифинг беше предупреден дека нереално ја пумпа висината на БДП, а со тоа имаме лажна слика за учеството на јавниот долг во БДП-то, на што тој не баш пријатно и одговорно одговори дека не е важно што ќе биде во иднина. Ако на ова се додаде и податокот дека за само шест месеци претходната влада потрошила дури 71% од буџетскиот дефицит, што значи дека сега финансирањето на расходите ќе зависи само од способноста колку пари ќе се приберат или од нови задолжувања, тогаш токму сега е време за ригорозни мерки.
Во спротивно, може да ни се повтори 2017 кога тогашната опозициска СДСМ обвинуваше дека ВМРО-ДПМНЕ од буџетот краде по половина милијарда евра, но кога се смени власта, никогаш не ги видовме тие пари, односно за таа сума да се намалат расходите или да се намали дефицитот, што остави отворени прашања дали се лажеше за крадењето или СДСМ ја продолжи практиката на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа, во овој момент единствено важно за економијата е да се има реална слика за неа, со реални бројки, да се стегне ременот и да се напушти популизмот. Во спротивно, може да се влезе во опасна спирала на сè поскапи кредити со кои ќе ги рефинансираме поевтино земените заеми, со што јавниот долг и финансиската стабилност ќе бидат сериозно во црвено.
Фото: Pexels
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.