Во рамките на редовните годишни истражувања за купувачките навики, „Индаго“ и годинава го спроведе синдицираното истражување Shopping Monitor. Во продолжение ќе го претставиме профилот на македонскиот купувач во поглед на купување храна и други производи за широка потрошувачка (FMCG).
Автор: Боге Божиновски, boge.bozinovski@indago.mk
Одговорајќи за сопствените навики при купување, 49% од испитаниците одговориле дека прават листа со производите што треба да ги купат пред да отидат на продажното место (значително повеќе споредено со 38% во 2021 година). Една половина од купувачите (51%) изјавиле дека купуваат повеќе отколку што им е потребно, а поголем е и процентот на купувачи кои изјавиле дека купуваат приватни трговски марки (60%) во споредба со 2021 година (55%).
Во однос на купувачките навики на неделно ниво, процентот на купувачи кои прават големи пазарења е ист во споредба со 2021 година, односно 15% од купувачите прават големи пазарења, додека процентот на купувачи кои прават импулсивно пазарење и на оние што бараат промоции на продажните места е значително зголемен споредено со резултатите од 2021 година. Имено, 62% од купувачите навеле дека прават импулсивни пазарења споредено со 48% во 2021, додека процентот на купувачи кои се во потрага по промоции и акции е зголемен на 23% споредено со 13% во 2021 година. Иако процентот на купувачи кои купуваат онлајн сè уште е многу низок (4%), тој процент е двојно зголемен споредено со истражувањето спроведено во 2021 кога само 2% од купувачите изјавиле дека го практикуваат овој начин на купување кога станува за производи за широка потрошувачка. Повеќе на графикон 1.
Избор на продавница каде што најчесто се купува
За најголем дел од купувачите, најважен критериум при избор на главната продавница (продажно место каде што најчесто пазарат) е вредноста за парите – ова е првоспомената причина од 15% од купувачите и речиси половината (45%) од купувачите ја навеле вредноста за парите како причина за избор. Близината на продажното место (до нивниот дом или работно место) и поволните цени на одредени производи се другите две причини за избор на „главна“ продавница. Близината до дома или до работното место е истакната како првоспомената причина од околу една четвртина (26%) од испитаниците и 41% од вкупниот број купувачи, додека поволните цени на одредени производи е причина за избор на главна продавница за 36% од купувачите, а за 8% е првоспомената причина. Повеќе на графикон 2.
Трошење и плаќање
Македонскиот купувач троши во просек 17.893 денари месечно за купување производи за широка потрошувачка – FMCG (графикон 3). Од нив половина отпаѓаат на храна (51%). Во споредба со истражувањето од 2021 година, месечните трошоци за производи за широка потрошувачка се значително зголемени, и тоа за 4.168 денари. Односно, купувачите трошат речиси 30% повеќе.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.