Актуелно

Кој пат ќе го фатат работниците?

28 Jun 2023

                                            Пазарот на труд во рамките на „Отворен Балкан“

Што во економска смисла ќе значи слободниот пристап до заедничкиот пазар на труд меѓу земјите од „Отворен Балкан“ – Македонија, Србија и Албанија, како ќе функционира мобилизацијата на работната сила и кои ќе бидат придобивките, а кои главните предизвици

Приреди: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Институционален став

Марјан Забрчанец, национален координатор за „Отворен Балкан“ и за регионални иницијативи

Договорите за слободен пазар на труд и за е-услугата ОБ-ИД ќе овозможат нови работни места, можност за пополнување на недостигот на кадри во приватниот сектор во секоја од трите држави. Станува збор за огромна помош и олеснување за фирмите што имаат претставништва во трите држави. Полесно да отвораат нови работни места, да ангажираат работни кадри и да обезбедуваат добри плати и услови за работа. Станува збор за регионална конкурентност на пазарот на труд, која со сигурност ќе придонесе за покачување на платите. Овој проект ќе овозможи младите од трите држави полесно да можат да почнат заеднички бизниси, да бидат поконкурентни, поуспешни и да останат тука, во регионот, дома.

Огромен е интересот кај бизнис-секторот за оваа економска поволност. Најзаинтересирани се компаниите од ИТ-секторот, туризмот и приватното здравство, како и одредени угостителски гранки.

Отстранувањето на работните дозволи ќе ни даде нова компетитивност како регион во привлекувањето странски инвестиции. Имено, ако до вчера извесна компанија не била во можност да донесе одлука за инвестиција во нашата земја поради недостиг на кадар, од утре таа компанија ќе може да смета и на кадар од Албанија и Србија.

Стравовите за наводно губење работна сила не се оправдани зашто пред нас се отвораат два нови пазари од кои може да црпиме кадар.

Ќе биде овозможен слободен пристап до пазарите на труд во сите можни насоки меѓу трите држави и со тоа на природен економски начин ќе се пополнуваат недостатоците. Компании од Куманово и од Скопје ќе мобилизираат работна сила од Врање и околината, а веројатно и оние од Струга ќе видат кадровски потенцијал во пограничниот регион во Албанија. И обратно. Македонски ИТ-експерти ќе можат да работат онлајн во Албанија и Србија, да добиваат плата и придонеси од другите две земји, а примањата да ги реализираат во својата земја. Се разбира и обратно.

Стравовите за наводно губење работна сила не се оправдани зашто пред нас се отвораат два нови пазари од кои може да црпиме кадар. Стандардот меѓу трите држави е сличен, па оттука мобилноста ќе се одвива во сите можни правци. Мобилноста,  конкурентноста и инвестициите се услов за пораст на секоја економија.

Кога пазарот на труд станува поголем, тоа иницира и борба на квалитет и тогаш порастот на платите ќе дојде природно, како резултат на тоа што и компаниите ќе инвестираат повеќе во својата надградба.

Движењето на луѓето, размената на искуства, интеркултурното учење се дел од европската иднина за која долго сонуваме. „Отворен Балкан“ е нашата успешна регионална приказна што ја покажува политичката зрелост за овој важен аспект.

Експертски став

Деспина Тумановска, програмска координаторка, „Финанце тинк“

Иницијативата „Отворен Балкан“, како можност за регионална економска интеграција со нашите соседи, е од исклучително значење за нашата економија и треба да овозможи побрзо структурно приспособување на предизвиците што ги носи отворениот пазар на труд. Колкаво ќе биде влијанието, зависи од моменталната состојба на домашниот пазар на труд, но и од желбата на носителите на политики да направат структурни промени.

Нашата анализа покажа дека генерално на пазарот на труд имаме поголема понуда на невработени лица од побарувачката за работници, но подлабински, забележуваме значителни разлики во зависност од нивото на вештини што невработената сила ги поседува. Имаме екстремни суфицитарни јазови (поголема понуда од побарувачка) кај висококвалификуваните вештини, со исклучок на работници во ИТ-професиите, додека кај оние со ниски вештини постои дефицит за да ги пополнат слободните места, кој особено е изразен за работници во услужните дејности и општи работници. Последново веројатно се должи на зачестеното иселување на овие работници во туристичките земји, како Хрватска, во потрага по повисока заработувачка.

На иницијативата треба да се гледа како на предигра за тоа што нè очекува при евентуално отворање на пазарот на труд во услови на пристапување во ЕУ.

Повисоката плата е најчеста причина за миграција на трудот. Колку премијата на плата е поголема, толку одредена земја ќе биде поатрактивна за привлекување кадар од соседните земји. Сепак, нашите пресметки покажаа дека во соседна Србија премијата на плата е многу мала, речиси незначителна, и оттука, не се очекува дека ќе биде избрана дестинација за вработување на наши работници. Но, за сектори што се од сезонски карактер и циклична потреба од работници, може да се појават разлики во платите, и тоа да предизвика дополнителен притисок на веќе постојните јазови.

Сепак, на иницијативата треба да се гледа како на предигра за тоа што нè очекува при евентуално отворање на пазарот на труд во услови на пристапување во ЕУ. Таа треба да даде поттик за побрз почеток на реформите што се клучни за подобрување на состојбата на пазарот на труд – реформи на образовниот систем, намалување на  неформалната економија и приспособување на системот на социјална помош.

Став од секторот

Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија

Стартот на слободниот пристап до заедничкиот пазар на трудот меѓу земјите од Отворен Балкан во економска смисла значи чекор напред со кој буквално ќе се олеснат одредени процедури. Тоа е сосема нормално меѓу соседни земји, држави од ист регион, кои по логика на нештата треба да имаат воспоставено интензивна соработка. Ние, како Сојуз на стопански комори на Македонија, отсекогаш ги цениме тие флуктуации – движењето на стоките, капиталот, луѓето и нивната миграција, работењето... Тоа сè е позитивно. Но, да бидеме внимателни – од една страна, се олеснува протокот на луѓе и вработувањата во онаа универзална категорија, меѓутоа, сè уште постојат одредени категории што треба да се решат, особено тие што се лиценцирани. Очекуваме во следниот период можност да се пристапи кон решавање на професиите, за кои е потребна лиценца од државата за некој да работи.

Со мобилизација на работната сила очекуваме дека ќе има поголема понуда на работни места за компаниите, а истовремено и поголема заинтересираност кај работниците, кои би можеле да работат и прекугранично (cross-border). Секогаш кога има поголем пазар, конкурентноста треба да биде на повисоко ниво. Тоа се нашите очекувања и за вработените со нивните вештини и за компаниите со нивните понуди кон вработените. Очекуваме подобрување во двата сегмента.

Секогаш кога има поголем пазар, конкурентноста треба да биде на повисоко ниво.

За тоа колкав би бил одливот на домашната работна сила, мислам дека никој не може да каже... ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Сепак, логично е вработените да мигрираат кон поразвиените пазари. Тоа е основната пазарна логика. А, како тоа ќе се одрази и во кој дел, за жал, Македонија не може да се пофали во овој момент на таа тема.

Либерализацијата на пазарот на трудот е важна за компаниите, кои ќе треба да излезат со поквалитетни понуди затоа што вработените ќе почнат да мигрираат во оние региони каде што ќе бидат понудени подобри услови за работа, поквалитетни плати и бенефиции. Истото се очекува и од вработените – и тие треба да понудат поквалитетни вештини, заложби и да бидат поефикасни во нивното работење.

Став од секторот 

Сашко Блажевски, извршен директор на „Нелт СТ“ – Македонија

Неколку пати досега беа најавувани придобивките од „Отворен Балкан“, но без финален резултат. Доколку овој пат навистина почне примената, би било корисно тоа да биде административно едноставно поставено и практично применливо.

Сметам дека оваа промена не би го променила работењето и не би имала директно влијание врз нас бидејќи нашата компанија е српска и имаме воспоставено соработка за размена на кадри меѓу пазарите во кои имаме операции, меѓу кои се и земјите од „Отворен Балкан“. Секако, оваа промена дава една олеснителна околност, како процесно така и временски, па верувам дека ќе ја интензивираме размената на добар и квалитетен кадар во иднина.

Иако прашањето е со акцент на пазарот на труд, сепак, не треба целиот процес да се гледа само од еден агол. Придобивките од „Отворен Балкан“ очекуваме да бидат во побрзиот проток на стоки и услуги, дигитализацијата на административните постапки, целосно користење на придобивките за компаниите што имаат одобренија и статус на овластен економски оператор. Доколку целиот процес се движи како целина, реално е да се очекува квалитетен исчекор.

Во моментот целото стопанство има потреба од квантитет и повисок квалитет на кадар, зависно од индустријата и потребните вештини. Предност на либерализацијата е што полесно ќе можеме да дојдеме до поголем избор на потенцијален кадар и различни профили, што истовремено е шанса и предизвик. Сигурно можностите за пазарот на труд треба да ги бараме на пограничните региони од Србија и Албанија, бидејќи и географски, добар дел од нашето стопанство се случува во Скопскиот, Полошкиот и Југозападниот Регион.

Доколку целиот процес се движи како целина, реално е да се очекува квалитетен исчекор.

Постои ризик од одлив на кадар, особено интелектуална маса, бидејќи српскиот пазар има поголеми можности, подобри услови и поголема конкурентност. Сепак, ризикот би бил краткорочен и не би го гледал како опасност, бидејќи на пазарот на труд му е потребна конкурентност за побрзо и подобро се развива. Факт е дека ќе се соочиме со одлив на кадар од секое ниво, а тоа би се одразило на развојот на економијата, генерално од сите аспекти – квалитет и континуитет, доцнење или неиспорачување договори. Но, на подолг рок и не е така лошо, доколку како стопанственици сме спремни да бидеме флексибилни, агилни, отворени, да работиме на конкурентноста, иновативноста и на подобрување на условите и бенефициите за работа.

Имаме многу што да учиме и како менаџери, но и како сопственици на македонските  бизниси, но не треба тоа да не загрижува доколку во центарот на вниманието се нашите вработени, во кои ќе се вложува на вистинскиот начин. „Нелт“ ја има таа привилегија како компанија со операции во повеќе држави, која секако ќе ја искористи за максимирање на придобивките од оваа промена и ќе ја примени во постојниот систем за развој и мотивација на вработените.

Мој личен заклучок е дека уште сме младо стопанство со млада економија, но сведоци сме и дека во минатото секоја здрава и лојална конкуренција доведе да се развиеме преку унапредени процеси, посилни брендови, поквалитетни кадри. Сметам дека повеќе од корисно е отворањето на конкурентност на пазарот на труд, доколку се почне, спроведува,  развива и приспособува на потребите на вистинскиот начин, од државата и од бизнис-заедницата.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...