Актуелно

Mислења и коментари: Дали инфлацијата стивнува?

15 Feb 2023

Какви се очекувањата за годинава по рекордната инфлација во 2022 година, дали се очекува стабилизација на ценовниот шок, како инфлацијата се одразува врз продуктивноста и профитабилноста на компаниите и која би била оптималната антиинфлаторна политика.

Приреди: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Инфлацијата во 2022 година во Македонија изнесувала рекордни 14,2%, додека индексот на цените на мало бил зголемен за 12,6% во споредба со претходната година. Зголемувањето на индексот на трошоците за живот лани бил најголем кај храната и безалкохолните пијалаци, кои за една година поскапеле за 20,9%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Според статистичките податоци, во декември 2022 година конечно се забележува мало стивнување на индексот на трошоците за живот, кој бележи пад од 0,2% во споредба со претходниот месец, додека индексот на цените на мало е зголемен за 0,7%. Со тоа, последниот месец од минатата година е единствениот во изминатите 12 месеци кога се забележува намалување на индексот на трошоците за живот.

Со нашите соговорници разговаравме за очекувањата за 2023 година по рекордната инфлација, дали се очекува стабилизација на ценовниот шок, како инфлацијата се одразува врз продуктивноста и профитабилноста на компаниите и која би била оптималната антиинфлаторна политика што може/треба да се спроведе.

                     Академски став                     

Абдулменаф Беџети, ректор на УЈИЕ, академик на МАНУ

Годишната (рекордна) стапка на инфлацијата од 14,2 е највисока од 1996 година, т.е. од пред четврт век. Не само моите очекувања, туку и на тие на домашните институции (Министерство за финансии и НБРСМ) и на меѓународните (Светска банка, ММФ, ЕБРД и сл.) се дека оваа година таа ќе биде едноцифрена, што е разбирливо поради статистичките пресметки на веќе повисока основа во 2022 година. Ценовниот шок кај нас е најмногу поради увезената инфлација на примарните прехранбени производи, но и на енергентите, како и поради базичните цени на металите и другите стратешки производи и руско-украинската војна. Да не заборавиме дека до оваа дојде и како резултат на претходните големи интервенции со фискални мерки и субвенции за стопанството и за населението, поради кризата со ковид-19 цели претходните две години.

Владата треба да внимава на примената на социјалните мерки преку т.н. ,,оценување на трошоците за живот“ и да го коригира индексот на цените на тие производи што најмногу ги тангираат социјално ранливите категории.

Завршните сметки на компаниите за 2022 година сè уште не се предадени, па затоа не можеме со голема сигурност да потврдиме колку инфлацијата влијаела врз профитабилноста на компаниите. Сепак, кај одредени сектори, пред сè, секторите храна и прехранбени производи и енергија, дефинитивно има значително влијание. Се разбира дека тоа е случајот и со секторот стоки за широка потрошувачка, особено со компаниите за метали и од металопреработувачка индустрија, но, сепак, во споредба со прехранбените компании, интензитетот е помал. Кај продуктивноста може да биде и обратно – поради високите цени на инпутите, многу компании го редуцирале или, пак, го затвориле производството. Тоа уште пред 5-6 месеци го најавија некои компании, од кои дел беа и од автомобилската индустрија. Затоа и ние (јас лично) одамна сме се залагале за посебно оданочување на компаниите што остваруваат поголеми профити не по нивна заслуга, туку поради пазарните конјунктури. Сега веќе е во предлог-постапка на т.н. Закон за данок на солидарност, за специфично оданочување на компаниите со алокативна намена на тие дополнителни јавни приходи како мерки за справување со кризата.

Традиционалните антиинфлаторни мерки се познати – најпрвин преку монетарна рестрикција, па потоа и преку рестрикција на фискалните непродуктивни јавни расходи. Монетарните мерки веќе се применуваат, но треба да бидеме многу внимателни и поради негативните ефекти што се предизвикуваат во целата економија преку ,,истиснување“ на инвестициите и потрошувачката, а со тоа и намалената економска активност.

Во секој случај, Владата најпрвин треба максимално да ги координира (нејзините) фискални мерки со монетарните мерки на Народната банка, нешто што, барем досега, и се прави. Второ, Владата треба да внимава на примената на социјалните мерки преку т.н. ,,оценување на трошоците за живот“ (Cost of Living Adjustment – COLA) и да го коригира индексот на цените на тие производи што најмногу ги тангираат социјално ранливите категории.

                     Став од секторот                       

Хамим Даути, генерален менаџер на „Даути комерц“

Ова година се очекува благ пад на цените бидејќи е намалена цената на услугата на транспортот и на горивата, а од друга страна, на струјата е донекаде стабилизирана. Сепак, во моментов имаме една микс-ситуација на зголемување и намалување, во зависност од набавките на суровините од фабриките. Добрата вест е што по фабриките почнува да се јавува редовна залиха.

Во насока на стабилизација на ценовниот шок, во моментов нема такви показатели. Но, според најавите, до крајот на годината се очекува цените да се нормализираат.

Минатата 2022 беше добра година за инвестирање во залихи. Имаше многу чести промени на цените и беше добар момент да се инвестира во добри залихи. Ние како компанија се потрудивме да имаме континуирани залихи за снабдување на клиентите.

Во моментов имаме една микс-ситуација на зголемување и намалување, во зависност од набавките на суровините од фабриките. Добрата вест е што по фабриките почнува да се јавува редовна залиха.

Во истиот период се случија многу промени, почнувајќи од зголемување на цените на нафтените деривати и зголемување на платите, па сè до ограничувањето на маржите, кое со непокриеноста на маржата и трошокот за достава на стоки нè доведе до ситуација да се намали профитабилноста. Сепак, имајќи го предвид фактот што портфолиото на стоки на „Даути-Комерц“ опфаќа широк асортиман, тоа придонесе за една оптимална задоволителна профитабилност на крајот од годината.

Оптималната антиинфлаторна политика што треба да се спроведе е поддршка на малите и средни компании, производителите, поттикнување на извозот, поддршка на ранливите категории на општеството. Тоа е најдобро и директно влијание. Сметам дека продолжувањето на овие мерки ќе биде прогресивен придонес за стабилизација на економијата во земјава.

              Експертски став             

Владанка Трајкоска, претседател на Организација на работодавачи, генерален менаџер на „Раде Кончар“

Нашата економија се наоѓа во еден сериозен период на економска неизвесност. Ваква стапка на инфлација сме немале уште од периодот на осамостојувањето. Енергијата и цените на храната се зголемија, а зголемувањето на минималната плата за 18,5 отсто во март 2022 година дополнително ги поттикна инфлациските очекувања.

Прогнозите на меѓународните институции се дека инфлацијата ќе се одржи на високо ниво и оваа година, односно во рамките од очекуваните 8-9%. Стабилизација на инфлацијата најоптимистички се предвидува во 2024 година, па дури и во 2025 година.

Ако трошоците за живот во декември 2022 година се зголемени за 18,7% во споредба со декември 2021 година, мора да бидеме малку повнимателни. За оваа, 2023 година, очекувањата се дека личната потрошувачка ќе биде на пониско ниво, односно ќе трошиме помалку.

Сиромашниот пазар на труд за нас, од приватниот сектор, значи меѓусебна борба за работници. Не случајно не го споменувам терминот „квалитетни работници“ бидејќи тоа одамна го нема. Сè уште младите луѓе, кои имаат завршено средно образование, своето прибежиште го бараат во вработување во јавниот сектор, а тие со високо образование својата среќа ја гледаат надвор од границите на државата. Од друга страна, нашите закони не дозволуваат увоз на работна сила од странство (предвидени се мали квоти), па приватниот сектор мака мачи со ниската продуктивност, а со тоа и профитабилноста е на границата на издржливост.

Сето ова ја намалува домашната понуда, создава нереален притисок на зголемување на платите и ја стимулира инфлацијата.

Очекувавме многу поголема поддршка за стопанството, поголема предвидливост на законите и поддршка во делот на енергетската криза за големите компании.

Инструменти за водење ефикасна антиинфлаторна политика се монетарна и фискална политика. Владата донесе серија мерки – ограничување на маржите во трговијата, но и вклучување на малите потрошувачи во режимот на регулирана (субвенционирана) цена на електричната енергија, со цел да ги намали производствените трошоци и да ги заузда цените.

Со почетокот на новата 2023 година стартуваме и со новини во креирањето на даночната политика. Тоа што е особено важно за стабилизација на една економија е постигнување одредена стапка на стопански пораст, одржување стабилност на општо ниво на цени, одржување урамнотеженост на платниот биланс и особено стабилност на девизниот курс. Во овој период кога државата се одлучи за водење рестриктивна политика, која опфаќа намалување на јавните расходи и зголемување на даноците, се настојува да се ограничи овој инфлаторен јаз создаден претходната година.

Очекувавме многу поголема поддршка за стопанството, поголема предвидливост на законите и поддршка во делот на енергетската криза за големите компании, кои се најмногу изложени на високите цени на електричната енергија, нафтените деривати и на големата увозна зависност.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...