Актуелно

Еуромонитор: Од дисрупција до предност

18 Jan 2023

Синџирите на снабдување, кои претходно функционираа беспрекорно зад сцената, одеднаш се најдоа во центарот на вниманието.

Извор: „Еуромонитор интернационал“

Слободно може да се каже дека практично сите бизниси од FMCG-секторот беа засегнати и сè уште се борат со нарушувањето на глобалниот синџир на снабдување. На ниво на Западна Европа во 2020 и во 2021 година беше забележан пораст на продажбата од 156 милијарди евра генериран од е-трговијата, како резултат на влијанието од пандемијата. Тоа создаде невидена побарувачка за стоки, која резултира со големо оптоварување на синџирите на снабдување. Во исто време, економските шокови – без разлика дали станува збор за инфлацискиот притисок и зголемените цени, војната во Украина и проблемот со рускиот природен гас, глобалниот недостиг на полуспроводници или кинеската политика за ковид-19 со нулта стапка – стануваат еден вид нова нормалност. Еден предизвик е проследен со друг, а компаниите што беа зависни од сложените системи на глобалниот синџир на снабдување пред ковид-19 стануваат сè поранливи.

Синџирите на снабдување, кои претходно функционираа беспрекорно зад сцената, одеднаш се најдоа во центарот на вниманието. Потрошувачите беа сведоци на блокадата на Суецкиот Канал во 2021 година. Тие од прва рака сфатија зошто одредени производи се недостапни на полиците во продавниците или зошто мораа да чекаат со месеци за работи како што се велосипеди или автомобили. На краток рок, достапноста на производите ќе биде клучна пазарна предност за компаниите со поотпорни синџири на снабдување. Иако тоа важи за компаниите низ целиот свет, европските компании истовремено мора да најдат и баланс меѓу еластичноста на синџирот на снабдување и неговата транспарентност, применувајќи ги стратегиите за декарбонизација за да се усогласат со регулативите за исполнување на очекувањата на потрошувачите во Европа.

Ниршорингот, односно намалувањето или скратувањето на синџирот на снабдување е важна тактика за европските компании што сакаат да се справат со предизвиците на глобалниот синџир на снабдување.

Ниршоринг за отпорност на синџирот на снабдување

Ниршорингот (nearshoring, преместување на деловните процеси и операции во географски блиски земји), односно намалувањето или скратувањето на синџирот на снабдување е важна тактика за европските компании што сакаат да се справат со предизвиците на глобалниот синџир на снабдување. Општо земено, пократките синџири на снабдување се потрајни и полесни за следење. Колку е пократок синџирот на снабдување на една глобална FMCG-компанија, толку таа ќе биде помалку ранлива на прекините што се појавуваат надвор од Европа. Истовремено, тоа значи и поголема веројатност дека производите остануваат достапни на полиците во продавниците. Добар пример за тоа е ИКЕА, која од 2021 година го приближува производството на многу артикли во производствените центри во Источна Азија за подобро да им служи на продавниците низ Блискиот Исток.

Друга тактика е преземање подиректна контрола врз синџирот на снабдување наместо аутсорсинг на услуги од трети страни. „Лидл“, на пример, кој е еден од најголемите трговци со удел од 31% во дисконтниот канал во Западна Европа (во 2021 година), неодамна ја основа бродската линија „Теилвинд“ за испорака и дистрибуција на сопствените производи. „Лидл“ изнајми три брода и според информациите, е во фаза на преговори за четвртиот. Иако тоа може да изгледа екстремно, сепак, ја илустрира важноста што брендовите ѝ ја посветуваат на сигурноста на синџирот на снабдување. Дури и ако потрошувачите станаа потолерантни бидејќи станаа посвесни за проблемите со глобалниот синџир на снабдување, тие сепак ќе гравитираат кон производите и брендовите што се лесно достапни и ќе ја градат лојалноста во таа насока.

Доколку флексибилноста е клучот за минимизирање на дисрупциите сега, декарбонизацијата е клучна за компаниите да останат конкурентни во една Европа што оди напред.

Декарбонизацијата и патот напред

Доколку флексибилноста е клучот за минимизирање на дисрупциите сега, декарбонизацијата е клучна за компаниите да останат конкурентни во Европа што оди напред. Традиционално, главен причинител за емисиите на јаглероден диоксид е транспортната логистика, па затоа таа е предмет на зголемена регулатива од страна на Европската комисија. Европскиот зелен договор е главното инвестициско средство што треба да ѝ помогне на ЕУ да стане првата светска економија со нулта нето-емисија и јаглеродна неутралност до 2050 година. Според договорот, компаниите ќе мора да ги пријавуваат емисиите низ целиот синџир на снабдување, што значи дека синџирите ќе треба да бидат транспарентни и да се следат. Во Германија, на пример, новиот Закон за синџирот на снабдување ќе воведе нови барања за известување од 2023 година натаму. Бизнисите што ги надминуваат границите (или не можат точно да ги следат нивните синџири на снабдување) ќе бидат принудени да плаќаат казни што секоја година стануваат построги.

Амбициозните планови за декарбонизација поттикнуваат различни иновативни стратегии за остварување на таа цел. Океанскиот транспорт останува доминантна форма за превоз на стоки до и од Европа, но Стариот континент инвестира во мултимодална внатрешна дистрибутивна мрежа за да ги прошири синџирите на снабдување на сопствената територија на поодржлив начин. Наместо камионскиот превоз, кој е високо јаглеродно интензивен, Европа ги користи железничките и внатрешните водни патишта. Речиси 30 отсто од стоките што пристигнуваат на најголемото европско пристаниште Ротердам се испорачуваат во внатрешноста со речни бродови. Со повеќе внатрешни точки на дистрибуција, синџирите на снабдување се помалку склони кон прекини и поголема е веројатноста стоките да пристигнат навреме.

Успешната навигација со синџирот на снабдување значи да се биде достапен за потрошувачите кои имаат зголемени очекувања за производите што ќе изберат да ги купат и за создавање конкурентска пазарна предност.

Логистичките служби и пристаништата, исто така, усвојуваат поеколошки стратегии. Операциите на пристаништата стануваат сè подигитални, што го олеснува протокот на стоки и овозможува поефикасно следење. Логистичките машини сè повеќе се напојуваат на батерии. Електричните пикери, кои ги пренесуваат контејнерите од бродови во возови, стануваат сè подостапни и функционираат на електризирани пруги. Изборот на поеколошки логистички провајдери може да помогне да се намали вкупното производство на јаглероден диоксид и да се избегнат строгите казни.

Синџирите на снабдување, кои порано беа земани здраво за готово, денес сè повеќе се во фокусот и стануваат порелевантни за способноста на компанијата да работи во декарбонизирана Европа. Иако преминот кон декарбонизација е скап и често предизвикувачки за спроведување, особено за малите и средни бизниси, сепак, постојат опции и стимулации во таа насока. Успешната навигација со синџирот на снабдување значи да се биде достапен за потрошувачите кои имаат зголемени очекувања за производите што ќе изберат да ги купат и за создавање конкурентска пазарна предност.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...