Актуелно

Дискусија: Кризата ги извади на површина акумулираните проблеми

16 Nov 2022

На одличната панел-дискусијата во рамките на 8. FMCG Summit Skopje зборуваа Перица Вичишки, генерален директор на „Атлантик трејд“, Александар Илиев, претседател на здружението СИЗ ЛКА – Асоцијација на локални синџири на Македонија, Јован Дабевски,  професионалец со повеќедецениско искуство во млечната индустрија, и Борче Треновски, професор на Економскиот факултет на УКИМ во Скопје и автор на 4 книги од областа на економијата и економската политика. Темата на дискусијата беше како ќе се снајдат компаниите во време на глобални кризи и кои се локалните мерки што ќе им овозможат побрзо закрепнување. Во продолжение ви пренесуваме кратки поенти.

Горан Теменугов, новинар

Имаме различни мислења и очекувања за економската ситуација во која се наоѓаме, а и не знаеме колку ќе трае. Тоа што најчесто го слушам е дека првпат се соочуваме со вакви проблеми и тоа, по мое мислење, е малку напумпано затоа што и претходно се случувале кризи, а и научени сме да живееме со нив.

Тоа што е многу важно да се спомене во време на криза е релацијата на монетарната и фискалната политика. Монетарната политика е тука да ѝ стави „кочница“ на фискалната политика кога е потребно и да биде нејзин коректор. Но, ако се случи тоа, тогаш е многу лошо и за нас граѓаните и за компаниите. „Кочницата“ се вика поголеми камати, а доаѓа декември кога ќе има поголеми проблеми, но и најава за нови мерки од Владата.

Борче Треновски, професор на Економскиот факултет на УКИМ

Почетокот на секој позитивен циклус е желбата за инвестиција, тековниот циклус и очекувањата. Затоа во НБРМ во повеќе наврати ги мериме тие очекувања, и тоа не само инфлаторните, туку и инвестициските. Негативните очекувања ќе го забават позитивниот циклус, па наместо за две, закрепнувањето ќе се одолжи на пет години. Тие придонесуваат за фирмите да штедат, ќе се штеди на инвестиции, нема да се земаат кредити, нема да има нови вработувања, може и ќе се кратат веќе постојните... сето ова уште толку ќе ја заостри и ќе ја продлабочи кризата бидејќи тоа е магичен круг. Мора да бидеме пооптимистични, да размислуваме и за можностите.

Во поглед на тоа што може да очекува бизнисот, знаејќи дека се најавени одредени мерки, ќе се обидам да бидам објективен. Оваа криза само го акумулира сето тоа што неколку децении се случува кај нас. Се споменуваат човечките ресурси, заштитата на домашното производство, намаленото производство на млеко, на енергија и сл. Оваа криза извади сè на површина и периодот што следува нема да ни биде полесно, само ќе значи дека ќе има глобално преструктурирање на пазарот. Верувам дека со намалувањето на безбедносниот притисок ќе се прати позитивен сигнал и притисокот на пазарите ќе падне, но преструктурирањето ќе продолжи.

Особено голем впечаток ми остави недовербата на бизнисот во државата, тоа е најпогубната работа што може да му се случи на бизнис-секторот. Со недовербата, бизнисот се става во ситуација енормно да ги зголемува цените на производите затоа што не знае дали ќе добие мерка, дали ќе се замрзне маржата... Доцнењето со носење мерки, недовербата, недоискажаните работи силно влијаат врз ситуацијата во која се наоѓаме и дополнително го комплицираат однесувањето на бизнисите.

Јован Дабевски, експерт за млечната индустрија

Дали верувам дека ќе се стабилизира економската криза и по неколку месеци откако ќе се случи помирување меѓу Русија и Украина? За разлика од повеќето присутни тука, верувам дека ќе се стабилизира. Светот не е поделен на црно и бело. По престанокот на војната меѓу Русија и Украина, ќе се почувствува стабилизирање на ситуацијата, некои држави ќе почувствуваат поголемо подобрување, а некои помало, што е во зависност од државите. Не верувам дека кризата ќе се одолжи. Сметам дека за некого економската криза трае „секунда“, а некои држави цело време се во криза. Тоа зависи како тие се однесувале за време на кризата, колку вложиле, зависи од инфлацијата, снабдувањето итн.

Конкретно за млечната индустрија, забележуваме големи поскапувања на суровините, енергентите, амбалажата... Дополнително, младите ни бегаат, сè помалку има земјоделци, уште помалку има крави, кози и овци. Реално, ние не може да се споредуваме со големите економии каде што производството е во голема мера развиено. Ние се штитиме од поголемите економии со дополнителни царини, прелевмани, за да може нашите производи да се конкурентни.

Перица Вичишки, генерален директор на „Атлантик трејд“

Имам повеќе од 40 години работно искуство и можам да потврдам дека ваква криза немало. Имало и други кризи, точно, но како оваа не. Сметам дека и кога ќе заврши војната, кризата ќе потрае, од 2 до 3 години ќе биде многу тешко, а ситуацијата ќе се нормализира за десетина години.

„Атлантик трејд“ е дел од групацијата „Атлантик група“ и сме значаен дел од дистрибуцијата на македонскиот пазар. Конкретно за нас како компанија, не сме директно загрозени, туку индиректно, затоа што одржливоста на помалите компании е важна за нашето работење. Ако помалите компании, со некои од нив и соработуваме, добро функционираат и ним им се обезбеди помош, ќе може и ние добро да работиме. Помошта што ја очекуваме е во цената на струјата и енергентите, фотоволтаици...

Александар Илиев, претседател на СИЗ ЛКА

Најмалку две-три години ќе трае закрепнувањето од кризата, нема брзо да излеземе од неа. Очекувам да се јават нови и да се продлабочат одредени проблеми како последица на оваа криза. Реално, уште закрепнуваме и од ковид-кризата од која произлегуваат повеќе проблеми во работењето.

СИЗ ЛКА е здружение на 10 компании, кои работат во 10 града, со 150 малопродажни објекти и повеќе од 1.500 вработени. Искрено, не очекуваме никаква помош од Владата, оти најавува работи што не ги спроведува, како што беше случајот и досега. Во моментов, сите десет фирми во здружението единствен спас од кризава гледаат во поставување фотоволтаици и на тоа интензивно работиме. Не очекуваме помош во овој аспект од државата и тука наидовме на повеќе проблеми, оти додека извадиме одреден документ, на претходниот веќе му истекла важноста.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...