Актуелно

Тема на InStore: Осигурување на бизнисите

15 Nov 2021

Корпоративниот сектор е убедливо најголемиот креатор на пазарните можности на осигурителниот пазар, a најзначајно е неговото учество во осигурувањето имот.

Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk

Да се биде претприемач, значи и многу обврски и грижа за вработените, производството, пораст и развој на бизнисот итн. Меѓу другото, тоа значи и надминување на деловните ризици што секое работење ги има. Не е важно колку сте добри во тоа што го работите или колку е големо вашето искуство, затоа што грешките и несреќите може секому да му се случат. Токму затоа, секоја компанија треба да има добар план за управување со ризиците, со кој ќе се обезбеди сигурност кога и ако се појават тешки ситуации.

Трендови на глобалниот осигурителен пазар

Затекната среде трансформација, пандемијата на ковид-19 имаше огромно влијание врз глобалната осигурителна индустрија. Во текот на 2022 година се очекува осигурителните компании да реагираат на долгорочните влијанија од пандемијата и да продолжат да напредуваат во трансформацијата кон дигиталното осигурување. Идната година ќе биде и година кога овие компании ќе мора да се фокусираат на подобрување на корисничкото искуство, зголемување на транспарентноста и поедноставување на процесите. Ова во голема мера ќе придонесе за задржување на клиентите и зајакнување на лојалноста.

Во поглед на трендовите што ќе ја обележат осигурителната индустрија, може да се одвојат:

  • Осигурување темелено на податоци – маркетинг и продажни стратегии втемелени на податоци може да им помогнат на осигурителните компании да понудат персонализирани огласи кои им се покорисни на клиентите. Тие даваат и поголема стапка на успех во споредба со традиционалното огласување. Маркетингот воден од податоци достигнува до вистинските луѓе, така што на компаниите им покажува каде има празнини на пазарот, фокусирајќи се на услугите што тие повеќе ги сакаат. На овој начин, осигурителните компании може да иновираат нови услуги и да ѝ ги пласираат на вистинската публика.
  • Дигитална трансформација и insurtech – поимот insurtech подразбира широка категорија иновативни технологии кои постојано се усовршуваат и менуваат. Дигиталната трансформација на работењето на осигурителните компании преку insurtech значи унапредување на индустријата на осигурување и го менува начинот на кој работат осигурителните компании. Осигурителната индустрија минува низ дигитална трансформација која без сомнение ќе трае неколку години. Индустријата insurtech се зголемува секоја година и според статистиката на „Мекенеси“ финансиите за нејзин напредок постојано се зголемуваат, а се предвидува до крајот на 2021 година да стигнат до 8,7 милијарди евра.

Исклучување или сведување на нула на сите или што е можно повеќе ризици кои можат да доведат до прекини во работењето треба да биде приоритет на секој менаџер и сопственик на бизнис.

Осигурителните компании и корпоративниот сектор во Македонија

Генералната слика на осигурителните компании во Македонија посочува дека средствата што населението ги вложува во осигурителни полиси од година на година имаат тренд на пораст, но сè уште заостануваат зад европските просеци. Во поглед на трендовите што ги воведуваат, може да се каже дека ги следат барањата на граѓаните, креирајќи услуги во согласност со нивните потреби. Од официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), граѓаните и компаниите (за нивни вработени), во првите шест месеци од годинава, во полиси за осигурување вложиле 14,8 милиони евра, или 9,6% повеќе од лани.

Пет осигурителни компании исплатија 281,3 милион денари (4,57 мил.евра) за осигурување живот на свои осигуреници во првите шест месеци од годинава. Во споредба со истиот период лани, исплатените износи (бруто-исплатени штети БИШ) за осигурување живот, кои осигурениците ги наплатиле, се зголемени за 42 отсто, односно 1,36 милион евра.

Најголемо учество во вкупната исплата имаат полиси за животно осигурување кај кои осигуреникот добива и дел од приносот (камата) на вложените средства. По таа основа во првото полугодие годинава се исплатени 245,9 милиони денари (4 мил.евра). Кај набрзо растечкиот од продуктите на осигурување живот ,т.н. „јунит линкд“, кога осигуреникот го прифаќа ризикот од вложување во удели на инвестициски фондови, има тенденција на пораст на исплати. За првите шест месеци од годинава иматели на вакви полиси наплатиле 10,46 милиони денари (170.000 евра) и тоа е за 91 отсто повеќе од истиот период во 2020 година.

Корпоративниот сектор е убедливо најголемиот креатор на пазарните услови (маркет-мејкер) на осигурителниот пазар. Затоа што компаниите склучуваат договори за осигурување од незгода за свои вработени, колективно здравствено осигурување на свои вработени, каско-осигурување за моторни возила и воздухоплови, осигуруваат стоки во превоз (карго), осигуруваат ризици од прекини во работењето, финансиски загуби, осигуруваат кредити и гаранции. И, секако, најзначајно е нивното учество во осигурувањето имот.

За тоа колку компаниите во Македонија ги осигуруваат своите бизниси од АСО, за InStore ни одговорија: Вложувањата во осигурување имот, во првата половина од годинава, се зголемуваат во иста мера со задолжителното осигурување од автомобилска одговорност, тренд што е многу значаен за развојот на осигурителниот пазар. Осигурувањето имот е најголема и најзастапена класа на неживотно доброволно осигурување. На крај од јуни годинава бројот на активни договори за осигурени имоти на правни лица (вклучен јавен и приватен сектор) изнесува 16.575 и тоа е за 4 отсто повеќе од истиот период во 2020 година. Осигурувањето имот за шест месеци достигна вредност од 1,4 милијарди денари (22,7 мил.евра), што е за 210,3 милиони денари (3,4 мил.евра) повеќе од истиот период претходната година. Притоа, вложувањата на компании, институции и други правни лица во осигурување имот надмина една милијарда денари (17,3 мил.евра), што е за 29 отсто повеќе од истиот период во 2020 година.

Значаен пораст на исплатените штети има кај осигурувањето имот. Во првите шест месеци од годинава 11 осигурителни друштва за неживотно осигурување на своите осигуреници за штети на осигурен имот им исплатиле 292 милиони денари (4,75 милиони евра), што е за 18,5 отсто повеќе од истиот период минатата година.

Колку е значајно една компанија да го осигури своето работење?

Исклучување или сведување на нула на сите или што е можно повеќе ризици кои можат да доведат до прекини во работењето треба да биде приоритет на секој менаџер и сопственик на бизнис. Само осигуреното вреди! И тоа е база врз која се прави секое добро планирање и успешно справување со секојдневните предизвици во секое деловно опкружување.

За мал износ на премија, осигурувањето ја штити компанијата од непредвидливи настани кои можат сериозно да го нарушат работењето и дури да предизвикаат долготрајни прекини или престанок со работа. Најчесто компаниите го осигуруваат имотот, и тоа од пожар, кршење на машини, оштетувања поради поплави предизвикани од временски непогоди, осигурување стока во превоз. Понатаму, сè повеќе фирми склучуваат колективно осигурување на вработените од различни ризици предизвикани од несреќен случај, но и здравствено осигурување и осигурување на животот на вработените. Кај нас не толку застапено, но во развиените земји е многу присутно и осигурувањето од финансиски загуби поради прекини во работењето, осигурување од одговорност за штети предизвикани на трети лица, како и осигурување на побарувањата, истакнуваат од АСО.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...