Од денеска стапува на сила забраната за пластични кеси. За граѓаните ќе бидат достапни само биоразградливи кеси за кои ќе се наплатува надомест од 15 денари, средства што ќе бидат наменети за специјалниот фонд за животна средина.
Оваа новина предизвика дилеми кај граѓаните, кај трговците, кај пазарџиите за тоа како ќе се спроведува законот.
Како ќе го продавам спанаќот? Или, во што да ги ставам рефус маслинките за кои исто користевме пластични кеси. Рибата во што ќе се продава?, се мислеше вчера продавач на еден од зелените пазари.
Маркетите веќе побараа од купувачите да користат повеќенаменски торби за пазарење или хартиени ќеси.
Согласно новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување сл. Весник 215/2021 започнувајќи од 01.12.2021 задолжителната такса за користење на биоразградливи ќеси за еднократна употреба изнесува 15 денари. Соодветната сума од продажбата на овој производ согласно Законот, ќе се уплаќа на Фондот за заштита на животната средина. Ве молиме користете повеќенаменски торби за пазарење или хартиени ќеси со цел заеднички да придонесеме до почиста животна средина, повикаа од КАМ.
И КИТ - ГО извести дека од денеска биоразградливите кеси ќе чинат по 15 денари.
За нашите потрошувачи нудиме торби и хартиени кеси за повеќекратна употреба кои веќе се наоѓаат во сите наши маркети, известија од КИТ - ГО и Тера-маркетите.
Од „Макпетрол“ ги повикаа граѓаните да дадат придонес во намалувањето на количеството отпад што секојдневно се создава.
Новите измени во законот за отпад овозможуваат пластичните ќеси по одредена цена и понатаму да бидат во употреба на продажните локации, но нашето уверување е дека тоа не е долгорочно одржливо решение. За таа цел, како општествено одговорна компанија одлучивме ваквата амбалажа целосно да ја укинеме на нашите локации, а купувачите на располагање ќе ги имаат хартиените ќеси, кои што за значително пократок период се разградуваат во природата. Како и досега, зачувувањето на околината преку еколошки издржани чекори и во иднина ќе биде значаен дел од компаниската стратегија, соопштија од „Макпетрол“.
Од Министерството за животна средина појаснија дека по 15 денари ќе чинат кесите со кои граѓаните пазарат без разлика дали тоа е во маркет, продавница или пазар. Сите тие мора да бидат биоразградливи. Дозволено е пуштање на биоразградливи кеси кои се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост. Кесите за отпад и малите кеси за замрзнување коишто се продаваат во маркетите и продавниците, се исклучени од новиот Закон за управување со отпадот. Цената на овие производи ќе остане иста и тие нема да бидат исфрлени од употреба.
Во следниот период ќе следи адаптација и едукација за новите правила согласно Законот. На почетокот нема да се изрекуваат казни за непочитување на законското решение, велат од Државниот пазарен инспекторат.
Пазарните инспектори ќе контролираат дали се продаваат биоразградливи кеси, дали трговците водат евиденција за бројот на продадени кеси согласно утврдената цена. Глобите за непочитување на законските решенија се движат од 1.000 евра до 20.000 евра во зависност од големината на компанијата и видот на прекршокот.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, на денешниот брифинг појасни дека суштината на новите измени во врска со наплатата за биоразградливите кеси е да се подигне јавната свест за користење на платнени торби, односно да се намали употребата на пластика. Тој истакна дека главната цел не е да се земаат пари од граѓаните, туку да се промени начинот на пазарење и граѓаните да обрнат внимание на загадувањето на животната средина.
Стандардите остануваат исти како што се во стариот Закон за управување со отпад. Тоа значи дека производителите можат да продолжат да продуцираат пластични кеси со вакви стандарди, кои се биоразградливи до 1 јуни 2023 година, изјави Нуредини по брифингот со новинарите.
Министерот посочи дека идејата не е дека очекуваат пари за Фондот, туку да се намали употреба на пластика.
Ние ќе информираме јавно и транспарентно во првиот квартал на наредната година колку пари се собрале во Фондот и што ќе правиме со тие средства, рече Нуредини
Производителите на кеси, пак, излегоа со став дека оваа мерка може да ги затвори нивните капацитети, со пад на производството од околу 70 отсто и отпуштања на работници.
Ќе работиме заедно со Владата за да видиме дали можеме да поддржиме иновативни идеи за пакување, за нови видови на кеси, дали се тоа за пакување, дали се тоа од текстил или од хартија. Ќе гледаме да го поддржиме приватниот сектор во иднина за иновативни идеи и да имаме поздрава животна средина за нашите граѓани. Целата идеа е да се синхрозирираме со регулативата на Европската унија. Знам дека сите граѓани бараат да имаме почиста средина и ова се чекорите кои мора да ги преземеме ако сакаме да имаме почиста средина. Ние индивидуално мора да бидеме дел од процесот, изјави министерот за животна средина, Насер Нуредини.
За оваа тема InStore пишуваше уште кога се подготвуваше законот. Повеќе ставови можете да прочитате тука.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.