Актуелно

Ултрабрзата достава ја освојува Европа

24 Aug 2021

„Гетир“, „Зап“, „Флинк“, „Џокр“, „Горилас“, „Визи“, „Џифи“, „Кажу“, „Дија“... се дел од операторите што нудат ултрабрза достава на прехранбени производи на територијата на Европа.

Пазарот за експресна услуга станува сѐ поголем и поконкурентен. Операторите што нудат ултрабрза достава се појавуваат во една земја и со голема брзина се прошируваат надвор од границите.

Генерално, овие фирми користат мали продавници само за испорака во одредени станбени области. Овие т.н. „продавници во сенка“ (dark stores, односно дистрибутивни центри што личат на конвенционален маркет, но се затворени за потрошувачите и се користат за складирање и организирање на нарачките преку интернет) имаат ограничен асортиман и ограничен радиус на испорака, што им овозможува нарачките да ги спакуваат и да ги достават за неколку минути.

Дел од експертите се сомневаат дека комплексната експресна испорака од „продавниците во сенка“  може да биде профитабилна. Важно прашање за овие компании е дали можат да се развиваат. Теоретски, способноста да се достават производи за само неколку минути е одлична. Но, исто така, потребна е и одредена густина на населението за да функционира бизнисот. Сепак, развиените земји го прифатија овој ризичен потфат за брза испорака преку курири на велосипед.

Дали новите компании се закана за супермаркетите или ќе останат ниша-сегмент, останува да видиме. Некои трговци не чекаат – „Реве“ веќе има удел во „Флинк“, а „Карфур“ објави дека презема дел од акциите во „Кажу“.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...