Ја одбележуваме годишнината од животот со Ковид-19. Колку сме се промениле? Дали светот некогаш ќе биде ист?
Ирена Смиљаниќ, менаџер за корпоративни комуникации и владини работи, EAM, „Монделез“
Почетокот на Ковид-19, со игра на настани, го дочекав во Загреб. Реакциите за првиот заболен брзо се проширија во канцеларијата, иако никој не ни претпоставуваше што може да ни донесе годината. Една година подоцна можам да кажам дека светот се сврти наопаку.
Како пандемијата влијаеше врз бизнисот? Зборувајќи од перспектива на својата компанија, сите функции се мобилизираа за работа во новата ситуација. Секако, најзаслужни беа луѓето од продажбата, кои секојдневно беа на терен. Во речиси невозможни ситуации на недостиг на средства за заштита, успеавме да набавиме за вработените соодветна заштитна опрема за да можеме максимално да го заштитиме нивното работно опкружување. Со длабоко поклонување, можам да кажам дека колегите, со натчовечки напори, успеаја да се приспособат на епидемиолошките мерки, истовремено остварувајќи ги сите деловни цели. Ние, „привилегираните“ што работевме од дома, се соочивме со работно време без крај, работа на тоа како да се одржат тимскиот дух и мотивацијата на непроменето ниво.
Резултатите на крајот од годината покажаа зрелост што ја имаат сериозните компании и нивните вработени да се приспособат на секој предизвик.
Ако ги исклучиме деловните аспекти, како пандемијата влијае врз луѓето? Иако ситуацијата често беше „на конец“, мислам дека ги дочекавме новостите на нога. Некои ја прележаа болеста, другите ги бодреа оние што беа заразени за да издржат. Од моја лична перспектива, многу субјективно, сметам дека сме на раб на издржливост, бидејќи човекот е социјално битие и контактот со луѓето е нужен за нормално да функционираме. Почнавме со мали чекори учејќи се на животот во изолација и со свртеноста кон себеси. Еволуцијата го направи своето. И на тоа се навикнавме.
Сега, една година подоцна, произведени се вакцините, како една од водечките придобивки на цивилизацијата. Вакцинирањето не е задолжително. Изборот е само наш. На нас останува дали ќе ги послушаме „белите мантили“, оние што беа на првата линија на одбраната, дел од нив и самите заболеа, но продолжија да работат надвор од границите на сопствената издржливост.
Како што низ целиот мој живот одам водена од авторитетите стекнати со знаење, така и јас ќе застанам прва во ред и ќе ја донесам мојата одлука во врска со вакцинирањето. Затоа што сакам повторно да живеам, да ги гушнам саканите луѓе, да не се плашам, сакам да живеам слободно. Изборот е секогаш наш. За живот без корона.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.